Меѓународниот ден на руралните жени оваа година се слави под темата „Жените од руралните средини одгледуваат добра храна за сите“. ОН повикуваат да ја признаеме работата на овие хероини во системите за храна во светот и да инсистираме на рурални области со еднакви можности за сите.

Виолета Хисени Кељменди

Фахрије Хоти, рурална жена која води успешен земјоделски бизнис во селото Велика Круша, ја доби наградата „Европјанка на годината 2022“ од Канцеларијата на ЕУ во Косово во чест на нејзината напорна работа и придонес во косовското општество. Фахрије стекна јавна доверба и почит кога болката за исчезнатиот сопруг за време на војната ја претвори во сила и се фокусира на напорите да обезбеди иднина за нејзините деца. Благодарение на нејзината иницијатива, многу рурални жени беа вработени во новооснованиот земјоделски бизнис за производство на ајвар и кисели краставички, кои потоа се извезуваа и во Европа. Впечатливата приказна за опстанокот го разбуди интересот на режисерката Блерта Башоли, која го пренесе животот на Фахрије на големото платно преку „Улиште“, филм кој ги освои сите главни награди на филмскиот фестивал „Санденс“ во 2021 година.

Фахрије е само еден пример кој покажува како руралните жени играат клучна улога во нивните семејства и заедници. Ако им се овозможат еднакви можности и пристап до ресурси, руралните жени би можеле значително да придонесат за економскиот развој на Косово. Но, традиционално, руралните жени во Косово имаа ограничени финансиски ресурси и пристап до образование и обука. Поголемиот дел од времето го поминуваа во неплатена работа, како готвење, чистење и грижа за децата и постарите. Неформалноста е широко распространета и во земјоделскиот сектор. Иако нема точни податоци, многу жени се занимаваат со одгледување зеленчук и овошје, грижа за добитокот и производство на лековити и ароматични растенија.

Во студијата „Преку родов објектив: кој за што одлучува во руралните домаќинства во Косово?“ објавена неодамна, Институтот Риинвест сугерира дека работниот статус на жените игра важна улога во одлучувањето во домаќинството. Поточно, одлучувањето е родово порамномерно во домаќинството во кое сопругата е вработена, покажуваат податоците собрани на терен во руралните домаќинства во 10 општини во Косово. Според оваа студија, одлучувањето на жените на ниво на домаќинство, генерално, е послабо во споредба со мажите, најмногу поради нееднаквите економски права и можности, пониската стапка на вработеност на жените, и пониската стапка на сопственост на земја и имот на жените.

Меѓународниот ден на руралните жени оваа година се слави под темата „Жените од руралните средини одгледуваат добра храна за сите“. ОН повикуваат да ја признаеме работата на овие хероини во системите за храна во светот и да инсистираме на рурални области со еднакви можности за сите.

На овој ден и Република Косово се приклучува кон повиците за зајакнување на руралните жени и родова еднаквост. Но, за да се случи ова, треба да видиме поголема посветеност на националните и локалните институции на Косово, поддржани од развојните партнери и граѓанските организации. За да се постигне ова зајакнување, неопходно е да се намали товарот на жените околу грижата за децата и постарите со тоа што ќе се обезбедат повеќе детски и предучилишни установи во руралните области, ќе се обезбедат на програми за образование и обука за нив, ќе се објаснат придобивките од формалното вработување, ќе се поддржат со стимулативни пакети и пристап до финансии и ќе бидат ангажирани во процесите на одлучување.

Косово има многу способни жени како Фахрије Хоти, но мора да се создадат можности за нив. Зајакнувањето на руралните жени во Косово не е опција, тоа е неопходно за да се постигне одржлива иднина за сите!

 

Виолета Хисени Кељменди има над дваесет години искуство во областа на медиуми и комуникација во Косово