Слепата поддршка на „болните“ ветувања и идеи на „семоќните и бесмртните“, речиси митски водачи, обично завршува со крвопролевање.

Виолета Ороши Беришај

Пред точно 43 години, Саније Хисени од Приштина, тогаш студентка по медицина и стипендист на Титовиот фонд, за последен пат му ја предаде на другарот Тито Штафетата на младоста! Во име на илјадници младинци и младинки, работничката класа и селаните, самоуправата и партијата, таа му посака уште многу пролети. Следниот 25 мај Тито не го доживеа! Но, Штафетата на младоста и слетот во Белград беа редовно организирани, сè до 1988 година. Неколку години по неговата смрт, на звукот на сирената, граѓаните мораа да застанат на место за да „се потсетат“ дека Тито е сè уште „жив меѓу нас“… И слоганот „Да живее братството и единството“ сè уште беше извикуван…

Со децении, култот на доживотен претседател беше внимателно граден, како храбар, сакан и незаменлив лидер, кој му го кажа историското „Не“ на Сталин, го основаше Движењето на неврзаните и воведе социјалистичко самоуправување (Фабриките на работниците, земјиштето на селаните!). Државните пропагандни медиуми го величаа секој негов збор, а градовите добија нови имиња – Титоград, Титов Велес, Титова Кореница, Титова Митровица… Се снимаа филмови и филмски вести (пред филмот во кино, мораше да се изгледа краток фил за Тито), се пишуваа книги за непобедливоста на Маршалот и беше опеан во песни, бидејќи сè беше Титово… И ние бевме Титови, а Тито беше наш. За „внатрешните“ непријатели кои завршуваа на Голи Оток, во југословенските казамати, за емиграцијата на дисиденти и нивните ликвидации, не смееше да се зборува, затоа што… наводно, просперитетот бараше затворање на очите пред злосторствата, во име на привиден мир.

Тоа колективно лудило (скоро религиозно), придружено со црвени пионерски марами, значки со ликот на Тито и споменици, ме потсетува на мавтањето со црвени марами во денешна Кина… или на воената парада во Москва… или на бункерите во Албанија од времето на Енвер Хоџа…

Во осумдесеттите години Србите „откриja“ нов култ на колективно обожување – Слободан Милошевиќ. Со добро смислениот популистички слоган „Никој не смее да ве тепа“ и „славниот“ милионски митинг на Срби од сите „српски земји“, во Газиместан (затоа што, добога, Србија е таму каде што се српските гробишта), тој најави војна против братството и единството! Симболично, почина во Трибуналот за воени злосторства.

Трагично заврши и комунистичкиот романски диктатор Николае Чаушеску… беше стрелан, а Хитлер – култот на обожавање на милиони луѓе, „чуварот“ на чистата ариевска раса, изврши самоубиство.

Љубопитна сум да видам како ќе заврши Путин, кој редовно го менува Уставот за да владее до неговата смрт и го елиминира секој критичар на неговата „демократија“, Ердоган, кој се чини го применува проверениот руски рецепт, или контроверзниот популист Виктор Орбан, кој успешно го гради култот на нов унгарски водач. Се чини дека и „дипломираниот“ популист и левичар Албин Курти ја започна својата деценија на владеење, затоа што вети рамноправност… држава без богати и сиромашни (?!)… Или Вучиќ, кој сака со оружје да го „брани“ српскиот мир – од замислен непријател…

Економските проблеми и политичката дезориентираност се основа за создавање култ кон личноста, бидејќи нема одговорност или потреба за сопствен став. Во име на народните, легитимни изборни гласови, ќе зборува „спасител“ кој ќе ги „одбрани“ луѓето и територијата од разни непријатели или наводно губење на националниот идентитет.

Со смртта на диктаторот, неговиот култ би требало да исчезне, но се чини дека на Балканот бавно се сфаќаат поуките од нашето блиско минато – дека слепата поддршка на „болните“ ветувања и идеи на „семоќните и бесмртните“, речиси митски водачи, обично завршува со крвопролевање.

 

Виолета Ороши Беришај, новинар од Приштина, била ангажирана во Радио DW, Радио BBC, во моментов работи како дописник за Радио WDR во Келн