И покрај зголемувањето на капацитетот на релевантните институции да се справуваат со случаите на насилство при пријавувањето, на жените и понатаму им се поставуваат прашања што направиле за да го заслужат насилството или што носеле кога тоа се случило.

 Брикена Авдили

На глобално ниво, секоја трета жена доживува насилство. Овие податоци на Светската здравствена организација покажуваат дека околу 33% од жените во светот се соочуваат со физичко, психичко, сексуално, економско или други форми на насилство. Проблем од толкави размери претставува предизвик дури и за најразвиените земји кои постојано работат во оваа насока, а особено за земјите во развој каде што насилството врз жените понекогаш воопшто не влегува во опсегот на приоритети.

Во Косово бевме сведоци на социјални транзиции кои влијаеја на перцепцијата и справувањето со насилството врз жените. Патријархалното општество кое некогаш ја сфаќаше дисциплината на жената како одговорност на мажите и последователно не ја ни дискутираше надвор од ѕидовите на домот, сега осудува, известува и протестира против родовото насилство. Воспоставивме правна инфраструктура и систем за справување со случаите на насилство. Сето ова придонесе за зголемување на бројот на пријави и подготвеност на жените да не толерираат кршење на нивните права и достоинство.

Од друга страна, иако социјалната транзиција на Косово по ова прашање е брза во споредба со многу други земји на слични позиции, насилството врз жените сè уште останува повеќедимензионален предизвик. Иако многу повеќе реагираме на оваа појава и ја осудуваме, насилството врз жените сè уште е во загрижувачки размери. И покрај зголемувањето на капацитетот на релевантните институции да се справуваат со случаите на насилство при пријавувањето, на жените и понатаму им се поставуваат прашања што направиле за да го заслужат насилството или што носеле кога тоа се случило. Казните за сторителите на насилство се толку мали што не служат ниту за да се запрат овие однесувања кај нив, а камоли кај другите. Иако имаме одредени механизми и засолништа за згрижување на преживеаните од насилство, сè уште немаме воспоставено систем кој им дава можност на жените да продолжат со свој независен живот, а поради економските услови тие често се враќаат кај своите насилници.

Комплексен проблем бара повеќедимензионални решенија и тука сите имаме улога. Од начинот на кој семејствата ги едуцираат помладите генерации, до институциите кои треба да ги предводат промените потребни за решавање на ова прашање, и приватниот сектор кој може да биде повеќе вклучен преку обезбедување можности за преживеаните и придонес за подигање на свеста во однос на превенцијата.

Социјалните промени околу прашањата за родова еднаквост традиционално се поттикнати од разни граѓански иницијативи, а во Косово, граѓанското општество продолжува да придонесува за справување со насилството врз жените во различни форми. Но, како повеќедимензионален предизвик, не можеме да очекуваме решенија само од граѓанското општество и институциите. Можеме да имаме долгорочни решенија само кога сите ние ќе преземеме поактивна улога во рамките на функцијата што ја имаме. Како и многу други земји, порано заедно го „нормализиравме“ насилството врз жените, и поради тоа секоја трета жена доживува насилство. Затоа, мораме еднаш засекогаш заедно да го решиме ова.

 

Брикена Авдили, извршен директор на фондацијата Јахјага