По расправите на веб, никој не излегува помудар, како по читање на книга. По расправите на веб, никој не излегува поопуштен, како по добар секс. По расправите на веб, човек излегува изморен, со чувство на зависност. Тоа е нашето опкружување.

Брано Мандиќ

Морам да зуцнам за дигиталното опкружување кое се претвора во ропство. Патот кон свеста за него им го должам на славните теоретичари, како што е Пол Вирилио, но и на некои нови бунтовници, питки критичари на интернетот, како што е Ендрју Кин. Кога ќе го раширам лакот од Вирилиовата „информатичка бомба“ до, да речеме, Киновото оплакување над разорените соништа на вебот, доаѓам до мачнината која сѐ повеќе луѓе ја чувствуваат.

Изминатите избори во Црна Гора нека бидат банален пример. Како и сите претходни, донесоа море од информации и ставови од кои човека го фаќа мачнина. Невозможно е да размислуваш под такво стампедо од дразби. Графикони, бројки, преноси, искази и памфлети се судираа во хиперпросторот и во времето на некаква внатрешна милисекунда. Што да мислам во такво опкружување? Како воопшто да мислиш кога секој има решение, дојава, доказ? Како тоа од конзумент станав учесник, односно прозумент? И, што е сега тоа прозумент?

Верувам дека многумина се вознемирени од моќта на социјалните мрежи и од демонскиот потенцијал на безначајниот лајк или тажен лик. Прозументите се баш тие вознемирени луѓе, под постојан притисок, несреќници во вртлогот, кои не само што купуваат информации, туку се и присилени опсесивно да размислуваат и да реагираат во врска со нив. Значи, прозументи денеска се горе-долу сите.

Мојата лична позиција е нешто подобра, затоа што за моето мудрување барем добивам плата. Но, вистинскиот прозумент е жртва на перманентна анкета која капиталот ја спроведува преку новите технолошки мрежи. Секој ден го шамараат со толку спротивни мислења, слики, реклами, барања и шеми, од што се раѓа нагон кутриот да се определи преку вешто дизајнирани алатки. Роботите потоа ги сортираат сите тие ставови, ги средуваат во датотеки, врз основа на кои подоцна се ориентира пазарот, се носат економски одлуки, а под влијание на економската и на политичката клика.

„Репресивните сили не им оневозможуваат на луѓето да се изразат, туку ги присилуваат да се изразат“, вели Жил Делез. Потоа продолжува: „Какво олеснување е да немаш што да речеш, навистина ништо да не кажеш.“

Не сум експерт за овој Французин, но многу ми се допадна горнава теза. Дури и сум слободен да фантазирам во тој правец – секоја компанија, политичка партија или владино биро да мора да има човек кој е сосема исклучен од дигиталното опкружување. Некој кој се одрекол од виртуелниот свет на тревога. Тие „советници за offline“ би биле некој вид на инфо-клир, посебна каста заветувана на информатички целибат, поединци кои ја жртвуваат известеноста за да имаат поинаков увид во реалноста. Тие можеби би го достигнале она што Делез го нарекува vacuole, извесен облик на некомуникација, или прекинувач, значи, состојба на свеста која најпосле би родила нова мисла и навистина би пренела порака во светот кој пораките ги претвори во стока. Значи, парадоксално, за да ја избегнеме контролата мораме повремено да се исклучиме, да гледаме оддалеку, да дојдеме до увид во реалноста кој не се потпира врз владеењето на вебот и на бинарниот код на политичките кавги. Затоа што тој вид на линеарна исклучивост и на дебатни грабања, всушност, го одржуваат статус-квото.

По расправите на веб, никој не излегува помудар, како по читање на книга. По расправите на веб, никој не излегува поопуштен, како по добар секс. По расправите на веб, човек излегува изморен, со чувство на зависност, која ја храни со повторно враќање на патеката на бесконечен проток на информации.

Да речеме дека сето ова за што зборувам се вика хиперинформираност, и

да речеме дека е налик на хипервитаминоза. Значи, штетно е. Ако е лековито да се пие лимонада, драги мои прозументи, не е здраво да се изеде три килограми киви.

По изборите, или по слични медиумски трауми што ги преживува целата заедница, можеби навистина би требало да се слушне гласот на оние кои сѐ уште комуницираат на ниво од пред паметните телефони. Под услов сѐ уште да постојат такви. Мислата на тие митски суштества не би била севишна, но би можела да биде важен глас со неминовна дистанца, која е потребна за да се размислува општествено.

 

Брано Мандиќ, писател и колумнист

 

Илустрација: Теодора Никчевиќ: „Нема да има друг крај на светот“, просторна инсталација, 2018 година