Бугарскиот министер за одбрана изјави дека Македонците се пијана нација, односно нација на пијани Бугари. И дека нема да нѐ пуштат во Европска унија додека не се отрезниме.

Бранко Тричковски

Како тргнала, нема, бре, оваа короната жив поп да остави да ни донесе томос. Ние во Северна Македонија сме престрашени. Се тресеме како лилјаци. И мочкаме зелено како желки. И го слушаме Арсен. Како сите наши христољубни и патриотски зборови да ги превел во љубовна драма. Ако сите умрете, јас нема да имам со кого да станам автокефален. Пеам јас, односно пееме ние, а тој се жали дека нема да има со кого да остане млад. Всушност, кога подобро ќе размислам, и нашиот страв е љубовна траума. Како и неговиот. И затоа се сакаме. Но, додека чекаме српските владици да ја протераат короната со помош на крст, молитви и бакнеж, источните соседи ни посочија дека нашиот проблем не е само тоа што не сме автокефални. На минусот во статусот додадоа свој плус во малигани. Бугарскиот министер за одбрана изјави дека Македонците се пијана нација, односно нација на пијани Бугари. И дека нема да нѐ пуштат во Европска унија додека не се отрезниме.

Добро, реков, одиме да дуваме. И да дадеме крв. На испирање на желудник и на комплетна детоксикација. Од Тито и од Коминтерната. Од чија ракија и станавме Македонци. Пијани, но Македонци. Денеска го нема Тито, а ја нема ниту Коминтерната, па се прашувам, можеме ли денеска, со помош на обична ракија, да произведеме пијан Македонец од обичен Бугарин. Или од министерот за одбрана, Каракачанов и неговата колешка, министерката за надворешни работи, Захариева, така се вика таа убава жена. И така пијани, односно помакедончени, да ги натераме да ја кренат нивната рампа пред европскиот воз за Македонија. Или некој ќе нѐ натера нас да се сетиме што сме биле додека сме пиеле. Со Тито и со Сталин.

Мене ми е мачно, не толку поради нас, колку поради остатокот од Балканот. Кој може да наебе само затоа што ние пред 80 години сме се препиле. Не би можел да ја поднесам таа грижа на совест. А не можат ни Европската унија и НАТО. Заедно со старата и со новата американска администрација. И затоа се надевам дека и ние и Бугарите ќе се отрезниме. Да речеме, јас сум веќе трезен. И знаете што? Драго ми е дека му припаѓам на народ кој имал и има толку атрактивни нешта во наследство и во супстанција, што можел дури и да го раздава тоа богатство на соседите и високите принципи на европските интеграции. Ние сме како централен магазин за сите балкански фрустрации. Интендатура за војските патриоти од сите нации. Добро, не баш за сите, ама за повеќето. Го ослободуваме нашиот шарен балон од вишокот товар, фрламе дел од себе врз балканските земји и летаме. Мислам дека летаме баш поради тоа што сме имале што да дадеме. Или да ни земат.

Јас тоа го доживувам како победа, а не како пораз. Треба да знаеш да го читаш времето. Во лоши времиња, човек ги продава своите персиски ќилими, слики, камери, клавири, купува брашно и маст и чека да дојдат добри времиња кога сето тоа ќе си го врати. И ќе го освои светот до Индија. И преку Индија, сѐ до Голо Брдо.

 

Бранко Тричковски, новинар, работел во “Нова Македонија”, МРТВ, “Утрински” ( основач и прв главен уредник), “Глобус”, (основач и прв главен уредник), Радио Канал 4, косопственик на првото приватно радио во Македонија (1991), автор на осум книги колумни.