Ненормални реакции во ненормални ситуации се нормални, и тоа е лекција што одеднаш целото човештво ја учеше. Ако се замислиме за момент, ова е можеби еден од многу ретките моменти кога човештвото беше во нешто Заедно.

Бојана Обрадовиќ

Март 2020 година. Првиот случај на корона вирус е регистриран на територијата на Република Србија. Пациент 0. Не бевме подготвени за ова, иако речиси три месеци слушавме вести, прво од Далечниот Исток, а набрзо потоа од нашето блиско соседство, Италија.

На телевизија и на социјалните мрежи има снимки од лимени сандаци, водителите зборуваат за стотици починати од новиот, за нас непознат и опасен вирус, ни прикажуваат страшни снимки од погреби какви што не сме можеле ни да замислиме дека ќе видиме во нашиот живот. Одеднаш, сите демони од минатото, носени низ трансгенерациски трауми, чукаат на нашите врати, гласно и непрестајно. Слики за кои не знаевме ни дека ги паметиме. Слушаме за смртта, цело време; за смртта во која си сосема сам, ти кој умираш и ти кој не можеш да бидеш уште еднаш со оној што умира. Не сме подготвени за ова. Човештвото нема психолошки алатки за толкав број вести одеднаш, за природна смрт што може да се случи во рок од неколку дена, без право, а не само без можност за последен поздрав, допир, прегратка, утеха, извинување, прошка и можеби „Те сакам“, изговорено или дадено со поглед, прегратка, бакнеж по раката.

Седмиците минуваа, а новите слоеви на егзистенцијален страв се таложеа. Стравот од изолација, гневот, бунтот, поделбата на населението, создавањето на разни теории станаа дел од секојдневниот живот. Покрај здравствениот предизвик со кој се соочуваа, луѓето одеднаш мораа да се борат и со проблемите на преживување, меѓучовечките односи, (не)довербата во професионалците, науката и системите. Се најдовме во виорот на животот и одеднаш, да се биде човек стана предизвик.

Менталното здравје на сите нас одвреме навреме беше еден вид емотивен ролеркостер. Од страв како здрава реакција на реална опасност, до анксиозност како прекумерен страв и создавање опасности што не постојат и преувеличување на опасностите, беспомошност, безнадежност, огорченост, разочарување, лутина, завист и љубомора, до апатија, депресија и желба да нѐ снема, да заврши сѐ.

Последиците сè уште не ни се познати. Сепак, судејќи според она што го знаеме за човештвото, ние секогаш закрепнуваме, а секој тежок период нè развива на лично и на колективно ниво.

Ненормални реакции во ненормални ситуации се нормални, и тоа е лекција што одеднаш целото човештво ја учеше. Ако се замислиме за момент, ова е можеби еден од многу ретките моменти кога човештвото беше во нешто Заедно. Не едни против други, туку Сите ние против Проблемот. Една пресвртница во нашето време даде толку многу емпатија, солидарност, жртвување. За некои, ова ќе биде трауматско искуство, за некои стресен период, за некои јакнење на отпорноста.

Ова е време кога психолозите, психијатрите и психотерапевтите се соочија со предизвик за кој исто така не беа подготвени. Во оваа прилика, би сакала да им се заблагодарам на сите што волонтираа на СОС телефони, преку мејлови, се вклучуваа „live“ и одговараа на прашања од загрижени граѓани, додека и самите миуваа низ ситуација што не ја познаваат доволно. Не нѐ учеа на факултет, ниту на едукации, како да се снајдеме во ваква ситуација. Имавме само општо знаење за кризите и малку предзнаење заради состојбата со поплавите, кога на граѓаните им беше пружена и прва психолошка помош. Без прирачници, без подготовки, изолирани во своите станови, се снајдовме и се организиравме веднаш во обезбедувањето помош и грижа за оние на кои им е потребна. Со текот на времето, и ние се навежбавме, подобро се организиравме, добивме и прирачници кои главно беа напишани од колеги од странство.

Февруари, 2021 година. Во Република Србија во тек е вакцинација. Постои организирана психолошка поддршка на граѓаните, преку СОС-телефонски линии, здруженија и самоорганизирани групи психотерапевти. Се прават истражувања, како и форуми кои ќе ни помогнат на сите да разбереме подобро што ни се случи, што се случува и што ќе се случи.

Ќе бидеме добро. Можеби не веднаш, не сите и не сега, но нашата човечка природа е обновлива и има моќ да зацелува. Тага, стравови, апатија, но и радости, среќа, возбуда, љубов кон животот, сè е тука. И ќе знаеме како да се справиме со тоа. Некои побрзо и полесно, некои побавно и потешко. Но, не е важна брзината со која одиме, туку насоката. А нашата заедничка насока е патот на закрепнување, развој, емпатија, љубов кон ближниот и заедништво.

Кога сето ова еднаш ќе помине, ќе имаме време и можност да го разбереме влијанието на личноста, околината, поддршката, но и нашиот културно-историски контекст, влијанието на социо-политичката состојба и на оние најскриените – рани и трансгенерациски трауми. Дотогаш, дишеме длабоко, и живееме.

 

Бојана Обрадовиќ, магистер по психологија, психотерапевт РЕБТ со завршно ниво на едукација (придружен центар за обука на Институтот Алберт Елис, Белград)