Заев заминува и со овој потег ја прави последната очајна маневра во обид да го привлече вниманието на ЕУ и да ја потсети дека доколку Европскиот Совет во декември повторно не успее да и го испорача ветениот старт за преговори со него од македонскиот хоризонт можно е во неповрат да се изгуби проевропската енергија на македонското општество.

Борјан Јовановски

По четири години како лидер на опозицијата и уште толку време како премиер Зоран Заев заминува во политичка пензија. Почна со голем ентузијазам воден од идеалот за ЕУ и завршува како жртва на истиот тој ентузијазам кој сега по осум години делува како инфантилна наивност.

Во првото полувреме од неговата политичка кариера како опозиционер мина низ политички трилер во кој беше главен таргет на корумпираната и автократска власт на тогашниот премиер Никола Груевски. Успеа да се извлече од обид за негово убиство а неговото семејство вклучително и неговите деца беа жртви на бруталните методи кои режимот на Груевски не се колебаше да ги употребува со цел да ја задржи власта.

Во второто полувреме го презема раководството на државата која во извештаите на ЕК беше означена како – заробена . Во четири години колку што беше премиер мина низ четири изборни процеси и референдум за промена на името со кој се реши 30 годишниот спор со Грција. Проблем за кој сите негови претходници знаеа дека мора да биде решен но никој ја немаше политичката храброст да го направи тоа затоа што поудобно беше да се калкулира со дневно политичките перипетии кои обезбедуваа долга политичка кариера на сметка на интересите на државата.

Во исклучително драматичниот процес на промена на уставното име успеа да убеди речиси 700.000 граѓани да го поддржат овој непопуларен процес. Никој вклучително и јас како автор на овој текст не се чувствував пријатно гласајќи мојата држава да ја прифати придавката Северна но сите ние ја протнавме таа огромна кнедла низ грлото верувајќи во сите ветувања кој ни доаѓаа од сакаде низ Европа за тоа дека по промената на името стануваме членка на НАТО и започнуваме преговори за членство со ЕУ.

Реализација на две клучни стратешки определби и обезбедување на единствената кохезивна сила во едно како што е познато мултиетничко, мултиконфесионално, мултилингвално општество какво што е македонското. Членството во НАТО се оствари и Македонија успеа да излезе од списокот на држави на Балканот со неизвесност за својот територијален интегритет.

Втората исто толку голема цел како што е процесот на преговори како најмоќна и веројатно единствена алатка со која вака траумирано општество би можело да се извлече од 30 години транзиција и да се внесе во процес на трансформација остана само како убава желба и намера  и спомен на едно време кога таа идеја за европска Македонија имаше вистинска моќ да ги придвижува процесите во добрата насока.

Денес во вакви околности Извештајот за напредок кој редовно го објавува ЕК кој некогаш беше моќна алатка за корекција на погрешните политики стана маргинална вест на која малку кој обрнува внимание.

 

Борјан Јовановски, реномиран новинар со повеќедецениско работно искуство во медиумскиот простор