Како треба да го сфатиме назначувањето на поранешниот шеф на Работната група за борба против корупција, кој на крајот заврши во затвор? Како треба да ја сфатиме тенденцијата на владата на Хоти да ја распушти Работната група, во моменти кога на аферите за корупција и на скандалите им нема крај…

Белул Бекај

Како и во многу транзициски места, приватизацијата започна со голем ентузијазам и во Косово. Сепак, како во многу поранешни социјалистички земји, така и во Косово, овој процес се развива со тенденции да заврши со разочарување и контрадикторни последици.

Октомврискиот скандал беше информацијата што дојде од Собраниската истражна комисија. Објавено е дека одборот на ПАК (Агенција за приватизација на Косово) продавала еден ар (100 квадратни метри) земјиште за само 1 евро! Критичкиот читател го разбира разочарувањето, бидејќи ова е последица што се има случувано и сè уште се случува во сите транзициски земји. Но, не разбира зошто политиките за приватизација на Косово се контрадикторни. Еве, илустрации за контрадикторноста.

Основниот суд на Пеќ во 2013 година го осуди поранешниот шеф на Работната група за борба против корупција и обвинител на Специјалното обвинителство на Косово, Назми Мустафи, на 5 години затвор. Во октомври 2020 година, владата на Косово има за цел да ја распушти Работната група, формирана пред 10 години?!

Како треба да го сфатиме назначувањето на поранешниот шеф на Работната група за борба против корупција, кој на крајот заврши во затвор? Како треба да ја сфатиме тенденцијата на владата на Хоти да ја распушти Работната група, во моменти кога на аферите за корупција и на скандалите им нема крај…

„Дали ова е директна тенденција на владата да влијае и да интервенира во истражните процеси поврзани со високите политички и институционални функционери кои се вклучени“, или, пак, јавните политики се потчинети на подземните политики?! Како последица на тоа, имаме повлекување на амбасадите на САД, Велика Британија и ЕУ од процесот на набудување на оваа институција…

Одговорите на овие прашања се неопходни, сѐ додека процесите на приватизација на јавните претпријатија во последните две децении се сметаат за лоши приказни на Косово, што се чини дека е сериозен извор на организиран криминал (случајот „Тока / Земја“) и на пандемијата на корупција. Овој модел е лош за компаниите, социјалните имоти и нивните вработени, бидејќи по приватизацијата за смешна цена, управителите на овие компании го сменија правецот на тие фабрики и многукратно ја зголемија цената на имотот, како што беше случајот со имотот во Малишево.

Во таа смисла, се чини веродостојна изјавата дека со богатството на Косово не се управувало како што треба кога станува збор за јавни претпријатија, како што се: Косовскиот Телеком, Аеродромот „Адем Јашари“, КЕК (Енергетска корпорација на Косово) – во тоа време компанија што имаше цели слични на социјално претпријатие, а не се третираше како социјално претпријатие со посебен статус, како што е „Трепча“ и многу други компании и средства.

Корупцијата предизвика губење на вербата во јавните политики на државата и со право се користи како пречка за визната либерализација, додека, од друга страна, го продлабочува коруптивниот менталитет на граѓаните. Следствено, корупцијата е вкоренета во зголемената недоверба во креирањето на политики, како и во владеењето на правото.

За социјалните поделби кои сѐ повеќе се продлабочуваат и за незаинтересираноста на странските и локалните инвеститори не треба ни да коментираме. Како одминуваат деновите, станува јасно дека оваа појава нема да заврши сè додека јавните политики се потчинуваат на политичкото подземје.

 

Белул Бекај,  докторирал политички науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, aвтор е на преку 100 политички и научни написи.