Во вакви времиња, кога иднината на човештвото е сериозно загрозена, народите и владите на земјите од Западен Балкан не можат да заземат неутрален став, ниту да стојат со скрстени раце како гледачи.

Астрит Истрефи

Руската агресија против Украина е одредувачки момент во историјата. Светот веќе не е она што беше пред оваа агресија, која, како што се покажува, ќе има огромни последици за нашата планета.

Руската агресија врз Украина мора да престане. Путин мора да биде поразен.

Дефинирачки момент како овој бара обединета, решителна и итна акција, бидејќи и најмало двоумење и неизвесност ќе бидат историска грешка и неуспех и на крајот ќе го охрабрат Путин и неговите „сателити“ (прокси).

Гласањето без преседан во Генералното собрание на ОН на 2 март е неоспорен показател дека руската агресија врз Украина е осудена од целиот свет и дека оваа агресија е директна закана за мирот, слободата и демократијата насекаде во светот. Затоа е осудена од сите земји-членки на Европската Унија и НАТО; од огромното мнозинство земји-членки на Обединетите нации; од мултинационални и мултимилијардерски компании и организации, од светските институции за спорт, култура, уметност, како и од медиумите, невладините и граѓанските организации.

Но, кој би помислил дека по крвавите војни од минатиот век, светот не ги научи вистинските лекции за спречување на нехумани злосторства, геноцид и масовно уништување, како и за заштита и унапредување на мирот, слободата и демократијата во светот, како суштински вредности и стремежи кон човештвото.

Луѓето од земјите од Западен Балкан имаат свежи сеќавања за трагичните последици како резултат на разорните војни од 90-тите. Неизмерно страдаат од тие последици дури и денеска, по речиси три децении.

Сведоци сме дека некои политичари и владини претставници во земјите од Западен Балкан, преку акции кои се против вредностите и аспирациите на својот народ, не престануваат да повикуваат на војна. Таквите сакаат да се осигураат дека мрачната ера на крвави војни во регионот не само што ќе остане неизбришлива, туку и дека новите војни ќе бидат речиси неизбежни. Нивните постојани напори се зголемија особено по руската агресија врз Украина, чии последици ќе бидат големи дури и во проблематичниот регион на Западен Балкан, кој е особено изложен на малигни странски влијанија, и ранлив од ефектите од овие глобални случувања.

Во вакви времиња, кога иднината на човештвото е сериозно загрозена, народите и владите на земјите од Западен Балкан не можат да заземат неутрален став, ниту да стојат со скрстени раце како гледачи. Денеска, повеќе од кога и да е во нашата понова историја, потребна е непоколеблива решителност и посветеност за да се осудат политичарите кои сеат раздор и повикуваат на војна во регионот. Потребни се единство, солидарност и соработка за заштита и унапредување на вредностите и аспирациите на луѓето од Западен Балкан. Потребна е координирана акција за да се спречи повторување на трагедиите од минатото кои оставија длабоки лузни кај луѓето од регионот. Од нас се бара да бидеме на вистинската, а не на спротивставената страна на историјата. Нема алтернатива за одржливиот мир, слободата и демократијата.

 

Астрит Истрефи, извршен директор на Балканскиот форум