Тоа што сме дел од стресни ситуации, фактот дека нѐ разбираат повеќето луѓе кои страдаат исто како нас, системот на информации и намалувањето на предрасудите кон проблемите со психичкото здравје – сето ова го зголеми бројот на случаи кои бараат помош да се справат со стресот, со анксиозноста и со стравовите.

Арјана Рели

Времето во кое живееме нѐ прави посвесни во врска со важноста на здравјето, особено на менталното здравје.

Сите сме сведоци на оваа битка со неочекуваниот, со непобедливиот, со лукавиот и, во многу случаи, со убиецот. Оттука, никој од нас не може да го избегне стресот предводен од непознатото. Нашата ментална, социјална и професионална рамнотежа се чини загрозена. Долгиот прогрес на оваа пандемија, која наближува кон својата прва годишнина, продолжува да напредува до непознат краен исход во времето. Нашите механизми за прилагодување честопати се во судир со промените на формата и агресивноста на вирусот, здравствените последици, благосостојбата на секојдневниот живот и активностите.

Во време кога Албанците сѐ уште си го немаа вратено спокојот по земјотресот од 26 декември и последиците од него, беа принудени да се соочат и со предизвиците што ги донесе Ковид-19. Во ваква ситуација, вознемиреноста, стравот и депресијата се присутни кај мнозинството од населението веќе долг период. Несигурноста околу личното здравје, загриженоста за здравјето на блиските, резултатите од карантинот, последиците во емотивните врски, нестабилноста на економијата и други особености на пандемијата – го зголемија бројот на луѓе што бараат помош околу менталното здравје за првпат во животот.

Имајќи го предвид влијанието на вирусот и физичките и психичките последици од него, ризикот се состои во тоа дека проблемите стануваат дел од нашето секојдневие и дека треба да се навикнеме да живееме со нив, што од друга страна нѐ става во ризик од хроничен стрес.

Стигмата која, историски гледано, го одложувала забележувањето на проблемите и барањето помош, денеска се чини намалена. Тоа што сме дел од стресни ситуации, фактот дека нѐ разбираат повеќето луѓе кои страдаат исто како нас, системот на информации и намалувањето на предрасудите кон проблемите со психичкото здравје – сето ова го зголеми бројот на случаи кои бараат помош да се справат со стресот, со анксиозноста и со стравовите.

Во такви прилики, интервенциите околу психичкото здравје имаат потреба од поблиска соработка меѓу сите професионалци кои работат со вакви проблеми. Нивната помош во денешно време не е само неопходна, туку е и задолжителна. Помошта што ја нудат медицинските сестри и терапевтите, советувањето на социјалните работници, емоционалната поддршка што ја нудат психолозите и лековите што ги предлагаат психијатрите – во денешно време се само некои од инструментите што овозможуваат поддршка од заедницата и ефективна интервенција околу менталното здравје, што денеска се чини загрозено.

Во вакво време на важни и брзи промени, потребни се нови начини на соработка и организација на капацитетите, со цел да се понуди максимум на терапевтска и рехабилитациска помош, за да се обезбеди максимум во позитивните ефекти на менталното здравје на граѓаните.

Сите сме заедно во оваа битка, и доколку учеството и придонесот на секој од нас е максимално, тогаш битките ќе бидат многу полесни и победата ќе биде поблиску!

 

Арјана Рели работи како психијатар од 1996 година и продолжува да ја нуди својата стручна помош во оваа област и во општествени служби за ментално здравје во Тирана.