Во 2016 година, сојузниците на НАТО го препознаа сајбер просторот како ново оперативно поле што НАТО мора да го заштити, исто колку што мора да го заштити воздушниот, копнениот и морскиот простор.

Аријан Шеремети

Светските статистики покажуваат алармантен пораст на сајбер нападите и, според трендовите, нема да се забават.

Ескалациите на геополитичките тензии сè почесто завршуваат со организирани сајбер напади спонзорирани од различни држави. Од оваа причина, сојузниците на НАТО во 2016 година го препознаа сајбер просторот како ново оперативно поле што НАТО мора да го заштити, исто колку што мора да го заштити воздушниот, копнениот и морскиот простор.

Сајбер војната може да се дефинира како сајбер напад или серија напади кои се насочени кон држава. Овие напади имаат за цел да направат хаос во владата, цивилната инфраструктура и да ги нарушат критичните системи, што резултира со голема штета, па дури и губење на животи.

Бидејќи живееме во нова реалност каде што ризиците од сајбер нападите постојано еволуираат, тогаш, за да се ублажат ризиците околу сајбер безбедноста со кои се соочуваат граѓаните, бизнисите, земјите и нивната критична инфраструктура, владите мораат да преземат конкретни активности што е можно поскоро за да развијат сеопфатна национална стратегија за заштита на сајбер безбедноста.

Со текот на годините, многу земји развија национални стратегии за заштита на сајбер безбедноста. Меѓутоа, ако ги проучуваме и споредиме националните стратегии на топ-10 земјите (кои се покажаа како успешни и сеопфатни до одреден степен), тогаш можат да се забележат пет заеднички елементи, а тие се:

  1. Формирање на национална агенција за сајбер безбедност – Создавање единствен ентитет кој има целосна одговорност за дефинирање и насочување на агендата за сајбер безбедност на нацијата.
  2. Подготовка на национална програма за заштита на критичната инфраструктура – Националната агенција за сајбер безбедност треба да работи со регулаторите на секој критичен сектор за да ги подготви критериумите за заштита на сајбер безбедноста за секторите кои се сметаат за дел од критичната инфраструктура.
  3. Изготвување национален план за одговор и обновување по инциденти – Сајбер нападите се неизбежни, така што секоја влада треба да развива или постојано да ги ажурира плановите за одговор и обновување со цел да се ублажат последиците од сајбер инцидентите.
  4. Усвојување закони поврзани со компјутерски криминал – Владите треба што е можно поскоро да ја изготват или ажурираат правната рамка и да ги усогласат законите поврзани со сајбер безбедноста. Добра опција кога се развиваат националните закони за сајбер безбедност е да се прифатат насоките поставени од Будимпештанската конвенција – меѓународен договор што ги регулира сајбер законите, прифатен од преку 65 земји.
  5. Градење енергичен екосистем за сајбер безбедност – Иако една земја може да има сеопфатни стратегии, во исто време е невозможно еден ентитет (како што е Националната агенција за сајбер безбедност) да ги реализира сите цели на својата стратегија. Затоа, партнерствата помеѓу засегнатите страни, кои го вклучуваат приватниот сектор, јавниот сектор, академските институции, како и други страни и на домашно и на меѓународно ниво, се од суштинско значење за борбата против ризиците околу сајбер безбедноста на една земја.

Независно од владите, од границите и од какви било разлики што можеби постојат меѓу нас, дигиталната ера нè поврзува сите. Затоа, безбедноста на сите корисници, благосостојбата на општествата, како и на економиите ширум светот зависи од заедничките напори за ублажување на заканувачките сајбер ризици кои секојдневно го поткопуваат светскиот поредок.

 

Аријан Шеремети специјализира во областа за развој и имплементација на стратегии за безбедност на информации преку обезбедување и заштита на средствата од ризици од сајбер напади