Босна и Херцеговина нема државна стратегија за компјутерска безбедност, ниту национален тим за итни случаи (CERT), кои се основни работи во оваа област во речиси секоја земја.

Арбен Муртезиќ

Во развиените и среќни општества речиси и да нема тема која повеќе го привлекува вниманието на пошироката и стручната јавност од компјутерската безбедност. Традиционалното разбирање и можеби првата асоцијација на оваа тема е софистицирана техничка заштита. Меѓутоа, експертите од оваа област веќе подолго време се фокусираат на човекот, бидејќи луѓето се тие кои управуваат со нападнатите компјутери, но и со компјутерите преку кои се напаѓа. Покрај тоа, многу од стандардните и особено опасни форми на компјутерски криминал не се засноваат на сложена технологија, туку на социјален инженеринг.

Воопшто не е чудно што оваа тема е еден од приоритетите во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. Генерално, во развиените земји се стравува дека економски посиромашните земји со слаби институции ќе станат своевидна оаза за компјутерските криминалци. Овој страв не е неоснован, имајќи го предвид ноторниот факт дека границите не значат речиси ништо за овој вид на криминал, како и физичката дистанца помеѓу сторителот на делото, односно напаѓачот и жртвата. Имено, местото на извршување и она на настапување на последиците можат, и често се толку далечни што кај „конвенционалното“ кривично дело тоа најчесто е во доменот на кривично-процесната теорија.

Понатаму, очекувано и донекаде е разбирливо што помалку развиените земји не ја одржуваат компјутерската безбедност високо на приоритетната листа, со оглед на другите проблеми со кои се соочуваат. Дополнително, заблудата дека жртви на компјутерски криминал се само банките и корпорациите на богатите земји, води до тоа оној кој го злоупотребува компјутерот за криминални цели во посиромашните општества често да се доживува како еден вид модерен Робин Худ.

Што се однесува до Босна и Херцеговина, речиси сме навикнати глобалните проблеми во нашата земја да стануваат уште потешки поради неефикасноста на институциите.

Навистина, Босна и Херцеговина нема државна стратегија за компјутерска безбедност, ниту национален тим за итни случаи (CERT), кои се основни работи во речиси секоја земја во оваа област. Сепак, како и со другите проблеми, нема корист од жалењето поради лошата среќа и ограничувањата на Дејтон.

Имено, освен државните институции, многу можат да направат и поединци, невладини организации и приватниот сектор. Така, стратегиите и другите документи во најразвиените земји во светот во голема мера се насочени кон подигање на свеста на поединците. Технички едноставните процедури, како што се внимателно складирање, честите промени и употребата на покомплицирани лозинки, значително придонесуваат за безбедноста.

Медиумите и невладините организации секако можат да помогнат во зајакнувањето на безбедносната култура, не помалку од државните институции. Понатаму, во оваа област, комерцијалните компании, и тоа не само најпознатите мултимилијардерски корпорации, имаат ресурси и знаење што тешко може да се очекуваат од владините агенции, а јавно-приватните партнерства се императив.

Јасно е дека прашањето за компјутерската безбедност е глобално, и дека поради огромниот безбедносен и финансиски интерес на сите актери, сигурно можат да се најдат средства од различни извори за квалитетни проекти во оваа област.

Во таа смисла, можностите за регионална соработка се навистина големи и нема причина тие да не се користат во поголема мера.

 

Арбен Муртезиќ, доктор на правни науки, чие поле на истражување е компјутерскиот криминал; директор на Центарот за едукација на судии и обвинители на Федерацијата БиХ