Менувај се себеси, поместувај ги границите, менувај ја заедницата за да не ја менуваш државата.

Аниса Махмутовиќ

Ме прашуваат зошто гласно зборувам за останување во Босна и Херцеговина, јас, магистер ангажирана едвај за хонорарна работа во голем медиум?

Без многу правдање, велам: „Ете, сакам да останам, и што сега?“

Не можам веќе да им зборувам на луѓето дека сум била во таа „златна“ Германија и во „социјалната“ Австрија и дека сум ги видела прекрасните ливади, езера и пренатрупани градови. Сум ги видела и тие „гостољубиви“ домаќини што едвај чекаат да ни кажат „ауслендер“*.

Ја претставувам Босна и Херцеговина на меѓународните конгреси, гордо го кажувам името на мојата земја, срцето ми е полно како Мајевица. А во БиХ, во Сараево, велам дека сум од Сапна. Како да е таа моја Сапна е нешто големо. Тука, јас сум непожелна граѓанка за политичарите и последна надеж на обичниот инсан* кога неговите права ги кршат од оние со дипломи од „акшам универзитет“*.

Тука сум да се борам на свое и за своето, со памет, образование и храброст, со моите пријатели и колеги. Транзицијата ни остави функционери без образование и морал, скороевци во скапи автомобили што треба да се истераат на ледината од каде што дошле.

Поради корупција и криминал, паднаа посовршени системи, така што овој нашиов би можел уште утре, ако излезеш на улица и ги исфрлиш сите подбуцнувачи од институциите, па да поставиш млади луѓе кои не се оптоварени со минатото и кои сè уште не научиле ништо за корупција, наместени тендери и изборни кражби.

Ќе биде подобро кога ќе престанеш да го праќаш својот тинејџер во друга земја да турка количка, туку ќе го школуваш да направи нешто свое со што ќе се гордееш.

Не се согласувај да живееш на работ на сиромаштијата, додека твојот духовно-политички водач заработува милиони.

Не му должиш ништо, ниту, пак, на некој министер, премиер или директор. Запомни, тие се твои вработени.

Мислиш дека го пишувам ова од удобен дом. Не!

Ти пишува девојка која ја школувале нејзините родители од дневници и посеви, без денар редовни приходи. Ти зборува дете чии шанси за образование беа нула затоа што не сум од голем град, немав многу пари, а ниту родители на позиции.

Тие работеа на туѓи и свои ниви, јас за хонорар кога започнав да студирам и се провлекувавме низ животот.

Ти пишувам и како единствен магистер за комуникологија во мојата општина за кого немаше работа, ниту ќе има во иднина. Како млада новинарка која, поради стории за јавни набавки, имала и безбедносни мерки одредени во надлежната институција.

Како што гледаш, сè е, само не е пријатно, но затоа знам што ќе ѝ кажам на ќерка ми кога ќе се роди.

Затоа сум тука, да ти кажам дека ќе ти биде полесно, затоа што луѓе како мене ви го разгазуваат патот.

Од хонорарите живеам пристојно со минуси, помали од оние во Германија.

Пишувам за да ти кажам, ако јас со лоша социјална карта од провинција успеав да бидам сè што сум денес, и ти можеш, само треба да останеш, да стиснеш заби, да се бориш и да се избориш за себе и за своето мало идно семејство.

Менувај се себеси, поместувај ги границите, менувај ја заедницата за да не ја менуваш државата.

Затоа што ако не ти е гајле за државата, тогаш сигурно ти е гајле барем за татко ти и мајка ти, кои еден ден ќе ги нема, а не можеш да ги гушнеш со видео повик.

 

Аниса Махмутовиќ, дописник за Федералната новинска агенција