Како земја членка на НАТО, Албанија беше вклучена во изготвувањето на националните политики за сајбер одбрана, меѓу кои и Националната стратегија 2020-2025 година.

 Анила Хоџа

Пред 6 години, на Самитот во Варшава, шефовите на држави на НАТО го дефинираа сајбер просторот како оперативна димензија на НАТО, слично како и копното, морето и вселената. Овој заклучок е донесен по претходните договори во врска со виртуелната средина и колективната одбрана. Како земја членка на НАТО, Албанија беше вклучена во изготвувањето на националните политики за сајбер одбрана, меѓу кои и Националната стратегија 2020-2025 година, заснована на кибернетичката стратегија на Европската унија.

Додека Државната полиција работи со скромна структура позната како единица Ц, која има само 6 експерти за сајбер истраги, голем број други институции, вклучително и обвинителството, беа посочени како кревки. Националната управа за електронска сертификација и сајбер безбедност во соработка со Националната агенција за информатичко општество (НАИС) е идентификувана со координативна улога. Сепак, во националната стратегија до 2025 година се признава дека „во моментов се забележува недостаток од потребните средства за добивање и создавање сајбер разузнавачки информации, користејќи човечки и логистички ресурси неопходни за вршење на активности за спроведување на законот“.

На веб-страницата Cesk.gov.al, институцијата која гарантира сајбер-безбедносни мерки на национално ниво, предупредувањето за можни напади беше активирано во јуни 2022 година, кога италијански тим за одговор на инциденти во сајбер безбедноста извести за познати можни виртуелни напади како DDoS (дистрибуирано одбивање на услуга). „И понатаму има знаци и закани за можни неизбежни напади против национални јавни субјекти, приватни субјекти кои обезбедуваат јавни услуги или приватни субјекти чија слика е идентификувана во државата Италија“, се објаснува во предупредувањето објавено и за Албанија. Сигналите беа објави од каналот Телеграм на групата Килнет, кои промовираат „масовни и невидени“ напади против Италија. Ова предупредување, кое беше објавено како мерка на претпазливост, дојде непосредно по средбата меѓу балканските земји, свикана од Националната управа за електронска сертификација и сајбер безбедност, која се одржа во нашата земја во текот на летото и каде што најдобрите експерти од регионот за виртуелна средина разменуваа информации за потенцијалните ризици.

Сепак, не помина долго пред владините онлајн служби да бидат нападнати и привремено спречени во работењето. Премиерот Еди Рама рече дека ова е напад организиран од држава и дека не се работи за хакери. И овој пат барањето за помош од странци и партнери беше неизбежно. Нападот извршен врз НАИС донесе истраги за четири кривични дела, кои сè уште не се финализирани. Забележана е и помошта на тимот на Мајкрософт ДАРТ (Тимот за откривање и одговор) и партнерите од „Џонс Груп Интернешнл“ за обновување на онлајн услугите. Но, тоа беше најмалата штета.

На 9 септември, сајбер напад погоди опрема со која раководи МВР, при што беше зафатен и системот ТИМС, дел од албанската полиција. Јавното обвинителство официјално соопшти дека објавувањето на податоци, како оние што истекоа по хакирањето на мејлот на поранешниот генерален директор на полицијата, штети на националната безбедност и поради оваа причина со посебна одлука на медиумите им беше наложено да не ги објавуваат полициските податоци кои хакерите ги објавија. Повторно, властите, со меѓународна помош, се обидуваат да ја минимизираат штетата што ја направи групата „Правда за татковината“, влегувајќи во системот кој би требало да има максимална безбедност. Официјално е признаено дека ирански хакери, истите што ја хакираа НАИС, институцијата која ги поседува сите официјални владини веб-страници во земјата, го извршиле и овој сајбер напад.

 

Анила Хоџа е новинарка која известува за прашања од правдата и организираниот криминал