Со текот на времето, покрај училиштето и работата ќе научите уште нешто – ќе научите да молчите. Ќе научите да игнорирате. Ќе научите да трпите. Ќе научите да живеете со вина. Иако секој пат вашето битие ќе биде длабоко повредено, вие ќе избирате молк, затоа што, кому воопшто би му се пожалиле?

Ана Михајловски

Основно училиште, средно, факултет, докторат, прво работно место… што и да сте поминале од сето ова на нашиов Балкан, како личност од женски род, сигурно макар еднаш сте доживеале некој од многуте видови сексуално вознемирување, а можеби дури и не сте ни знаеле како се вика тоа.

Во основно училиште, додека момчињата трчале околу вас обидувајќи се да ве допрат на недоличен начин, околината во повеќето случаи молчела. Молчеле и другарите и професорите, единствено вашето непријатно чувство врескало обидувајќи се да ви објасни дека овде нешто не е во ред. Вашите чувства врескале, додека околината се смеела, бидејќи – тоа се само деца.

Нешто подоцна, професорот во средно ќе ве праша каде сте тргнале „со цицките низ живот“ или нешто слично, но додека почнува врисокот на непријатност во вас, веднаш стигнува и „тој е таков, не му обрнувај внимание“.

Многу подоцна, на некој од разговорите за работа ќе се јави истото тоа чувство додека идниот шеф ви поставува непримерни лични прашања, или го коментира вашиот изглед на недоличен начин, или, пак, ви праќа милион пораки обидувајќи се да добие од вас нешто за што вие не сте рекле „да“ тогаш кога сте ја прифатиле работата.

Понекогаш ќе ве полазат морници по цело тело додека читате сексистички коментар под вашата слика кој вели дека сте помалку важни затоа што носите кратко здолниште, или затоа што некогаш сте се забавувале со овој или со оној. Тогаш, како и во сите други случаи, ќе се прашате дали го заслужувате тоа, дали сте виновни, дали воопшто имате право да се жалите, бидејќи навистина сте носеле здолниште, бидејќи сте имале момче…

Понекогаш целиот организам ќе се буни додека на улица минувач ви зборува онака ноншалантно што би сакал да ви прави, па сепак другарката крај вас ќе ви рече да не обрнувате внимание – тоа е само некоја будала.

Во сите тие случаи, како и во многу други, сите ќе молчат, ќе речат можеби да не правите драма, дека момчињата се такви, или некој „тој“ е таков, а сето тоа додека вашето чувство зборува дека тоа не е во ред, дека длабоко ве вознемирува и дека не сакате да го доживувате тоа.

Со текот на времето, покрај училиштето и работата ќе научите уште нешто – ќе научите да молчите. Ќе научите да игнорирате. Ќе научите да трпите. Ќе научите да живеете со вина. Иако секој пат вашето битие ќе биде длабоко повредено, вие ќе избирате молк, затоа што кому воопшто би му се пожалиле?

Некои ќе научат да ја задебелат сопствената кожа за тоа воопшто да не им пречи, а некои ќе научат засекогаш да го убијат тој глас што им зборува дека тоа не е во ред. За жал.

Десет, дваесет, триесет години подоцна, весниците врескаат, се крева целото општество, целиот регион, понесен од морничавото искуство на младите жени, ги преиспитува своите доживувања, своето однесување, своите вработени. Се поставуваат разни прашања – како се случило тоа, зошто толку долго молчеле, како не сме забележале, зошто, добога, не кажале нешто порано?! Кој е виновен?!

Во свет во кој отсекогаш ви зборуваат да бидете тивки, да игнорирате, како и да најдете оправдување за нападниот шеф, колега, другар, професор, а во себе главен виновник, што друго, всушност, сме можеле да очекуваме?

Зарем навистина помисливме дека во свет во кој со генерации нѐ воспитуваат со дрвена лажица и со децении нѐ фаќаат за газ, уште од основно училиште, не живеат болни умови кои тие „ситни“ ужаси ќе ги одведат на поголемо, многу повисоко ниво?

Зарем сме толку наивни да помислиме дека не постојат оние што тоа молчење и игнорирање ќе го злоупотребат на најлош можен начин?

Зарем сме толку лековерни да помислиме дека го нема тој ум што ќе го собере сиот молк и сето игнорирање и на тоа ќе го додаде најважното, а тоа е фактот дека како народи избираме зад која жртва на сексуално насилство ќе застанеме, и тоа во зависност од должината на нејзиното здолниште, од бројот на партнери или од работата што ја извршува?

И додека барате одговор на тие прашања, поставете си уште едно… уште колку ги има?

И, да… сите сме виновни.

 

Ана Михајловски, телевизиска новинарка и водителка