Ако за момент ги оставиме настрана сигурните предели на бројките и се свртиме кон личните приказни, значи, ако броевите ги замениме со луѓе, особено со оние невидливите или помалку видливите, оние што се недоволно опфатени од статистиките, ќе видиме еден особено ранлив свет во рамките на истражуваните проблеми.

Александра Босниќ Ѓуриќ

Семантичката анализа на, цивилизациски, секако незаборавниот „момент“ во кој живееме и на проблемот содржан во формулацијата „глобална Ковид-19 криза“ имплицира дека сме загрозени сите заедно, без досега познатите, пресудни фактори на општествените разлики. Толку пати потврдената лаичка поговорка – општо место, сведена на простата реченица „болеста не избира“, од една страна се покажува како точна. Меѓутоа, најновите истражувања во врска со влијанието на пандемијата Ковид-19 врз образованието укажуваат и на фактот дека во таа „еднаквост“ некои, сепак, се во многу потешка положба.

Да речеме, во трудот на Саша Степановиќ „Влијанието на пандемијата на коронавирусот врз образованието“ пишуван за научниот магазин „Парадигма“, откриваме дека пандемијата влијаела врз образовните системи ширум светот, дека преку 1,7 милијарди ученици и студенти престанале да ги посетуваат образовните институции, дека преку 180 држави спровеле затворање на образовните институции, дека со тоа се опфатени 97% од светската популација на ученици, дека затворањето на училиштата фрлило светлина врз  различните проблеми во образованието, но дека убедливо најтешко им било на децата со пречки во развојот и на нивните семејства.

Ако за момент ги оставиме настрана сигурните предели на бројките и се свртиме кон личните приказни, значи, ако броевите ги замениме со луѓе, особено со оние невидливите или помалку видливите, оние што се недоволно опфатени од статистиките, ќе видиме еден особено ранлив свет во рамките на истражуваните проблеми. Еве како мајката на едно аутистично момче месециве минува низ пандемиските искушенија:

„(…) Буквално, нашите деца ги избришаа од листата на оние на кои им е потребно образование. Воведувањето на онлајн ‘настава’ за нашите деца значеше едно големо НИШТО. Приморани сме, покрај сите обврски и 24-часовната грижа за нашите деца кои бараат премногу нега, па уште и во вонредни околности, да бидеме и оние што ќе ги ‘образуваат’ (…) Месеците минуваа, а децата одеа во сѐ поголема регресија. Имајте предвид дека тоа се деца на кои дефектолошките, логопедските и останатите третмани им се единствена терапија. За нашите деца, адекватната и континуирана работа со стручни соработници во наставата значи многу повеќе од образование. Тоа е нивниот ‘лек’. А институциите во државава го укинаа за нашите деца и ги оставија да чекаат според системот – ‘кога ќе биде, ќе биде’. Враќањето во училишните клупи на почетокот од новата учебна година внесе дополнителен страв и вознемиреност. Дали тие деца ќе можат да продолжат онаму каде што застанаа?! Тешко. (…) Уште во првите денови детето добиваше изливи на бес и на самоагресија затоа што не можеше да издржи во училиште подолго од три часа во времетраење од половина час. (…) Дојдовме до стадиум, поради таа ситуација во училиштето, да воведеме и психијатриска терапија. И таман детето одново се адаптира на наставата, директорката на нашето училиште три недели порано, пред редовниот распуст, носи одлука за повторно враќање на онлајн наставата. И повторно пекол…“.

Своевремено, Виктор Франкл, зборувајќи за кризите и смислата, напишал: „Не смееме да дозволиме вербата во можната хуманост на човекот да нѐ заслепи пред фактот дека хуманите човечки суштества се малцинство“, бидејќи токму тој факт го повикува секого од нас да му се придружи на малцинството. „Работите“, упорно потсетуваше Франкл, „стојат лошо. Ако не дадеме сѐ од себе да ги направиме подобри, сѐ ќе стане уште полошо“.

И затоа, да гледаме што почесто, посовесно, поупорно и подолго во микро-световите на невидливите.

 

Авторката е културолог, доктор на науки за драмски уметности, медиуми и култура, и долгогодишна активистка во областа на унапредување на интеркултуралната комуникација и на положбата на маргинализираните групи во општеството.