Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, граѓаните на Западен Балкан, но и многу граѓани на ЕУ, очекуваат од институциите од ЕУ и од државите членки да прекинат со лицемерието и да се однесуваат во согласност со своите прокламирани вредности и геополитички цели.

 Александра Томаниќ

Европската комисија уште во 2018 година наведе дека ширум Западен Балкан „земјите покажуваат јасни елементи на заробување на државата“. Важна оцена, која стигна со големо задоцнување. Меѓутоа, и по оваа процена ништо не се случи.

Европската комисија не претстави прецизни податоци за корените и последиците од „заробувањето на државата“ во поединечни земји, не понуди конкретен план за решавање на овој проблем и воспоставување на поголем степен на демократија, ниту, пак, лидерите на заробените држави трпеа какви било последици. Напротив, моќниците ширум регионот продолжија да добиваат пофалби, да уживаат поддршка и да примаат посети; односите со нив продолжија по старо.

Неодамна, бриселскиот портал „Политико“ објави увид во заробеното портфолио на проширувањето на Европската комисија. Суштината беше во тоа дека актуелниот комесар за проширување на ЕУ очигледно претпочита да избегнува да ги критикува авторитарните лидери во регионот. Тоа и не е изненадувачки за некого кој го следи развојот на случувањата, почнувајќи од одлуката да се довери такво осетливо портфолио токму на соработникот на владејачката партија во држава која и самата се соочува со предизвици на полето на владеењето на правото.

На политиката на проширување долго се гледаше како на „soft power“ на ЕУ, како на нејзин најсилен трансформациски инструмент. Таа беше успешна во Источна Европа, макар што во одредени случаи релативно краткорочно, како што сега станува сѐ поочигледно.

А тогаш токму тоа портфолио му е доделено на проблематичен играч во поглед на владеењето на правото. Да бидеме прецизни, тогаш сѐ уште член на семејството на Европската народна партија, чија агенда и понатаму останува нејасна.

Значи, би можеле да тврдиме дека развојот на ситуацијата во поглед на „разубавувањето“ на состојбата во одредени земји беше предвидлив. Меѓутоа, кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна го посети Западен Балкан, се доби впечаток дека проблемот има далеку поголеми размери.

Таа, на големо изненадување, пофали еден конкретен државник чија земја постојано паѓа на сите меѓународни ранг листи во поглед на состојбата на демократијата, човековите права и медиумските слободи, земја на која ѝ беше потребна мисија на Европскиот парламент за да преговара за фер изборни услови. Фон дер Лајен експлицитно го пофали токму тој лидер поради „неверојатниот напредок“ во фундаменталните реформи.

Политиката на проширување на ЕУ е во длабока криза веќе долга низа години. Ниедна техничка реформа на процесот на проширување, никаква нова методологија, никакви фази во процесот нема да помогнат да се излезе од маѓепсаниот круг. Очигледно е дека повеќето членки на ЕУ ја изгубиле политичката волја да ги исполнат своите ветувања. Како и да се обидеме да ја согледаме, политиката на проширување во својата суштина е политички процес. Тоа никогаш не било и никогаш нема да биде само низа технички чекори. Голото украсување на таквата ситуација со „нови методологии“ никаде не нѐ води.

Имаме заробени држави кои сакаат да ѝ се придружат на ЕУ, како и заробени институции на ЕУ кои се преправаат дека водат чесен процес. Така, всушност, добиваме заробен процес. Перспективата на владеење на правото и вистински демократски институции беше најголемиот поттик за придружување кон ЕУ. Целта беше земјите да се „европеизираат“, како што со години погрешно се зборуваше.

Мораме да ја извлечеме главата од песок и да почнеме да ги именуваме нештата како што треба ако навистина сакаме да се поместиме од оваа мртва точка. Во спротивно, цената на различните интереси, партиските семејства и внатрешните недостатоци ЕУ ќе ги платат најсиромашните и политички најкревките држави во внатрешниот двор на ЕУ – земјите од Западен Балкан.

Ајде да престанеме да шириме страв од понатамошно „проширување“. Она за што, всушност, зборуваме е заокружување на европското обединување, како и обезбедување на мир. Ветување за мир. Набљудувајќи ја моменталната состојба во ЕУ, овој потсетник од Западен Балкан на нејзините темели и самата нејзина суштина може да биде исклучиво од помош. Граѓаните на Западен Балкан, но и многу граѓани на ЕУ, очекуваат од институциите од ЕУ и од државите членки да прекинат со лицемерието и да се однесуваат во согласност со своите прокламирани вредности и геополитички цели.

Во таа смисла, враќањето на начелата на демократското уредување и владеењето на правото низ процесот на проширување на Западен Балкан треба да биде приоритет.

Александра Томаниќ, извршна директорка на Европскиот фонд за Балкан

 

*текстот е објавен на порталот Euractiv.com