За разлика од денешните меѓународни стандарди, кај кои заради концептот на одвоеност на државата и верските заедници е отворен патот на плурализмот, во православните држави има тенденции за поголемо доближување (сраснување) на државната со црковната власт.

Александар Спасеновски

Посетата на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на Украина, како и протестите во црногорската престолнина Цетиње против устоличувањето на новиот митрополит на Црногорско-приморската митрополија (ЦПМ) на Српската православна црква (СПЦ), г. Јоаникиј, по којзнае кој пат го завртеа вниманието кон комплексниот свет на односите помеѓу демократската држава и православната црква. Овие настани дополнително го зголемија интересот кај македонската јавност заради долгодецениското  нерешавање на црковно прашање преку добивање на автокефален статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

Во светло на посочените настани, во јавноста природно зачестија и дебатите за тоа каде се границите на секуларноста во државите во кои поголем дел од граѓаните се православни христијани. Имајќи го во предвид споменатото, во продолжение е изложен скромен обид за деконструирање на моделот на секуларизам во споменатите земји за да може дополнително да се расветли еден од изворите за честите потреси и недоразбирања.

Во државите во кои поголем дел од граѓаните се православни христијани се развива еден противречен модел на односи помеѓу државата и верските заедници кој почива на три столбови:

  • Прво, меѓународните стандарди;
  • Второ, традициите на мнозинското православно христијанско население;
  • Трето, реалностите на постојниот верски пејсаж.

Меѓународните стандарди на прашањето на односите помеѓу државата и верските заедници му приоѓаат од аспект на моделот на нивната одвоеност и тие, со развојот на современата уставност, наоѓаат свое место во уставите на западно-европските држави, како и во меѓународните документи на Обединетите нации, на Советот на Европа и на Европската унија. Наспроти нив, пак, мнозинското православно христијанско население за свој модел ја зема и Византиската империја и нејзиниот систем на единство (симфонија) помеѓу црковната и државната власт.

Низ призма на споменатото, очигледна е различноста на двата концепта. Така, за разлика од денешните меѓународни стандарди, кај кои заради концептот на одвоеност на државата и верските заедници е отворен патот на плурализмот, во православните држави има тенденции за поголемо доближување (сраснување) на државната со црковната власт.

На вака поставената композиција се надоврзува и реалноста во која живеат и припадници на други конфесии, како и атеисти, а  за кои демократската државата, исто така има обврска да обезбеди соодветни демократски гаранции.

Преку примерот со денешна Северна Македонија, овој модел практично означува:

  • Прво, во согласност со меѓународните стандарди државата и верските заедници се одвоени, што значи воздржување од мешање на институциите во работата на верските заедници, како и забрана за инволвирање на верските заедници во работите кои се надлежност на државата;
  • Второ, државата обезбедува гаранции за остварувањето на верските слободи и права на граѓаните, во согласност со меѓународните станарди;
  • Трето, заради традициите на мнозинското православно христијанско население, Православната црква како и нејзиното историско и духовно наследство, во симболичка смисла имаат примарно место;
  • Четврто, со оглед на хетерогениот верски пејсаж, државата гради систем во кој се обезбедуваат гаранции за слободно делување и на Исламската заедница, Католичката црква, протестантските цркви, Еврејската заедница, како и на останатите помалубројни верски заедници.

Од стекнувањето на независноста до денес, во периодите кога партиите од левицата управуваат со институциите, може да се забележат залагања за воспоставување на поцврст тип на секуларизам согласно кој државата развива само еден општ однос кон сите верски заедници. Партиите на десницата, пак, се стремат кон етаблирање на помек тип на секуларизам, преку кој, во рамките на воспоставениот систем, настојуваат да го издигнат во симболичка смисла статусот на доминантната верска заедница – МПЦ-ОА. На крајот, пак, партиите на етничките заедници, во вакви прилики настојуваат да ја наметнат пред сé Исламската верска заедница секогаш кога институциите настојуваат таков статус да ѝ овозможат на МПЦ-ОА.

Во Македонија не може да се каже дека постои консензус помеѓу сегментите околу идеалниот сооднос на трите фактори кои го определуваат моделот на секуларизам, што низ годините циклично предизвикува одредени недоразбирања и општествени потреси. Ваквиот недостаток, сигурно е една од многуте причини за повременото појавување на слични предизвици и во другите земји споменати во овој текст кои одново на тест го ставаат демократскиот капацитет на институциите.

 

Александар Спасеновски е вореден професор на катедрата по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје