Радикалната десница не е ниту самоникната појава, ниту главна препрека на патот кон ЕУ; тоа се оние кои ја создадоа и кои сега, кога ситуацијата е „падни-стани“, не знаат како да го вратат ова чудовиште во праисторијата, каде што му е и местото.

Александар Попов

Франција во последниве месеци беше во сериозна паника поради можноста Мари Ле Пен, кандидатката на екстремната десница, да дојде на чело на можеби клучната земја во Европската Унија во моментов. Сепак победи Емануел Макрон, актуелниот претседател на оваа земја, но ни со приближно добар резултат како што беше случајот при освојувањето на неговиот прв мандат.

Ако екстремната десница можеше да ги загрози не само Франција, туку и целата ЕУ однатре, што да се рече тогаш за состојбата во земјите од Западен Балкан. На овие простори на кои се живее во атмосфера на незавршени војни од деведесеттите и каде што сè уште се свежи траумите од тој период, популизмот и национализмот паѓаат на плодна почва и растат како коров по дожд. Самите политички елити од некои од овие земји во текот на минатите години го поттикнуваа овој тренд од кој никнаа ултрадесничарски фаланги кои сега маршираат низ градовите од регионот славејќи ја руската агресија врз Украина со симболот Z на транспарентите наместо свастика.

Сите овие трендови со години се случуваа пред очите на Западот, а тој со прст не мрдна да ги запре. Напротив, им се додворуваше на одредени лидери, за случајно да не одат на страната на Русија, која веќе дебело пенетрираше на овие простори.

И дури кога руската агресија врз Украина го крена целиот свет на нозе, драматично се постави прашањето што ќе биде со земјите од Западен Балкан, кој би можел да стане резервно бојно поле, и тоа во срцето на Европа, и така би ѝ помогнал на Русија да го одвлече вниманието на друга страна од Украина. Одеднаш се појави идејата дека сите земји од регионов би требало да се примат во пакет во ЕУ, за да се оттргнат од руското влијание. Притоа се заборавени, или никогаш не се до крај научени, лекциите од не толку дамнешното минато. Одредени земји од некогашниот источен блок од истите причини во првата деценија од овој век беа примени во ЕУ, а не ги исполнуваа ниту најосновните критериуми, само за да се направи оддалечување од Русија. Тие земји ни ден-денеска не ги исполнуваат основните критериуми во однос на владеењето на правото и изградбата на независни институции, и така однатре ја поткопуваат самата Европска унија.

Од друга страна, не толку одамна им беше ставена рампа на Северна Македонија и на Албанија да започнат преговори, што веројатно би придонело за нивното внатрешно уредување. На Србија со години ѝ гледаа низ прсти додека пред нивни очи, наместо напредок на патот кон ЕУ, се рушеше владеењето на правото, се гушеа независните институции и слободата на медиумите, за корупцијата и да не зборуваме. Додик во трката со препреки ги прескокнуваше сите црвени линии, извлекувајќи цигла по цигла од темелите на Босна и Херцеговина, со поблаги или поостри укори од Запад, за кои не беше премногу загрижен… Во Црна Гора „литијашите“ го поттикнаа српскиот национализам и клерикализам, придонесувајќи промена на власта која оваа земја ја донесе на самиот праг од Европската унија.

И потоа Западот се чуди од каде таков буен раст на радикалната десница на овие простори. И таа идеја за брз колективен прием во ЕУ. Наместо ЕУ на тој начин набрзина да ги уреди, тие, такви какви што се, би го забрзале распаѓањето на оваа интеграција, на што веќе успешно работи Вишеградската група. Радикалната десница не е ниту самоникната појава, ниту главна препрека на патот кон ЕУ; тоа се оние кои ја создадоа и кои сега, кога ситуацијата е „падни-стани“, не знаат како да го вратат ова чудовиште во праисторијата, каде што му е и местото.

 

Александар Попов, директор на Центарот за регионализам