Сигурни сме дека регионалната кампања ќе ги зајакне сите наши активности, ќе ги унапреди знаењата и искуствата на нашиот тим и ќе го зголеми интересот на јавноста на просторот на земјите од Западен Балкан за проблематиката на аерозагадувањето, што е од суштинска важност за надминување на постоечките загрижувачки трендови.

Александар Перовиќ

Еколошкото движење „Озон“ е основано на Меѓународниот ден за заштита на озонската обвивка, 16 септември 2006 година, со цел да влијае на решавањето на проблемот околу аерозагадувањето во Никшиќ, тогаш доминантно предизвикано од работата на Железарницата.

Преку низа активности, кои подразбираа јавни собири, тематски трибини, состаноци со надлежните институции и со сопствениците на фабриката, успеавме да влијаеме да се набави систем за пречистување на гасови во фабриката, како и да се отстрани една од двете електро лачни печки, кои беа застарена технологија. Потоа, со сѐ поголемата поддршка од граѓаните, почнавме со дејствување на целата територија на Црна Гора, што го направи нашето здружение едно од најпрепознатливите во областа на животната средина.

Нашите активности и проекти добиваат значајно медиумско внимание, со што се потврдуваат квалитетот и занимавањето со актуелни теми. Многу сме горди на сите едукативни програми на Училиштето за еколошки активизам, на Училиштето за хумана екологија, на Училиштето за урбана екологија, а успеавме да развиеме и две програми за професионално усовршување на наставниците: Образование за управување со отпад, која со одлука на Националниот совет за образование е вклучена во Каталогот за обука на наставници, и Образование за отпадни води, која претставува поддршка на проектот за изградба на постројки за пречистување на отпадни води во Подгорица.

Имаме и значајна регионална соработка преку мрежата „Архус“ на Центарот за Југоисточна Европа, каде што фокусот е ставен на ширење и размена на информации од областа на животната средина и на климатските промени.

Учеството во регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ има големо значење за нашата организација, особено затоа што идејата е да се влијае врз решавањето на еден од најсериозните еколошки проблеми, кој додатно се усложнува во текот на актуелната здравствена криза предизвикана од вирусот ковид 19.

Во рамките на нашата програма за граѓански мониторинг, Екоскоп, континуирано анализираме податоци собрани преку Државната мрежа за следење на квалитетот на воздухот и со постојана медиумска кампања влијаеме врз интересот на јавноста. Во текот на грејната сезона 2019/2020 развивме посебна методологија која го насочува фокусот кон аерозагадувањето предизвикано од употреба на цврсти горива и започнавме кампања чија цел беше премин кон еколошки поприфатливи извори на греење.

Сигурни сме дека регионалната кампања ќе ги зајакне сите наши активности, ќе ги унапреди знаењата и искуствата на нашиот тим и ќе го зголеми интересот на јавноста на просторот на земјите од Западен Балкан за проблематиката на аерозагадувањето, што е од суштинска важност за надминување на постоечките загрижувачки трендови.

Очекуваме регионалната кампања да влијае и врз носителите на одлуки, особено во делот на препознавање на приоритетноста на проблематиката и на регионалните соработки во таа област.

Се надеваме дека ќе успееме квалитетно да ги исполниме поставените цели и на тој начин да ја оправдаме довербата што ја добивме со учеството во регионалната кампања.

 

Александар Перовиќ, еден од основачите на Еколошкото движење ОЗОН. Од септември 2008 година професионално е ангажиран на позицијата директор на Здружението. Посветен на вклучувањето на јавноста во процесот на носење одлуки во областа на животната средина.