Високите цени на енергијата кои траат повеќе од една година не доведуваат до зголемени инвестиции во енергетска ефикасност или производство на енергија. Тоа е парадокс што укажува дека ценовната еластичност на понудата не е доволна.

Александар Ковачевиќ

Земјите од Западен Балкан се соочени со криза на безбедноста на снабдувањето со енергија. Во некои земји веќе се во тек прекини на струја. Увозната зависност на регионот драстично се зголеми и веројатно нема да се намали наскоро. Многу брзо ќе се потроши фискалниот капацитет на државите кој овозможува субвенционирање на увозот на енергија.

Намалување на потрошувачката на енергија, a зачувување на основните животни, социјални и комерцијални функции; вработување, транспорт, комунални и јавни услуги сега е јавна политика од највисок приоритет. Најголем дел од активностите кои ја намалуваат потрошувачката на енергија или ја зголемуваат енергетската ефикасност се од комерцијален карактер. Знаењето и способностите со кои тоа може да се направи не се во јавен домен. Затоа, неопходно е јавната политика да се фокусира на три приоритети, и тоа: (1) отстранување на пречките за комерцијални инвестиции во енергетската ефикасност, (2) директна интервенција насочена кон елиминирање на енергетската сиромаштија и (3) итна интервенција за спречување на кардиналните ефекти од недостиг на енергија врз интегритетот на енергетскиот систем.

Високите цени на енергијата кои траат повеќе од една година не доведуваат до зголемени инвестиции во енергетска ефикасност или производство на енергија. Тоа е парадокс што укажува дека ценовната еластичност на понудата не е доволна.

Во Србија заштедите на граѓаните во банките изнесуваат над 12 милијарди евра со каматна стапка под просечната стапка на инфлација. Би се очекувало голем дел од овие заштеди да се искористат за инвестиции во енергетска ефикасност или обновливи извори на енергија, каде повратот на инвестициите е поголем и безбедноста на инвестициите е подобра. Тоа не се случува.

Лесно може да се заклучи дека јавната политика на некој начин претставува бариера за инвестиции, дури и на ниво на домаќинства. На финансискиот пазар нема проектни обврзници или финансиски инструменти на енергетските компании. Сигурноста на сопственост над земјиштето и куќите не е соодветна. Не е обезбедена сигурност на договорот. Професионалните организации, доколку воопшто ги има, не ја гарантираат професионалната одговорност на членовите. Во некои случаи, професионалните здруженија беа заменети со владини агенции кои администрираат номинални лиценци за извршување дејност.

Следствено, бариерите за инвестиции во енергетска ефикасност бараат комплексна промена во јавните политики.

Повеќе од една третина од домаќинствата живеат изложени на енергетска сиромаштија. Тие домаќинства не се во состојба да загреат повеќе од 10 квадратни метри станбена површина по член на домаќинството. Изложени се на загаденост на воздухот до ниво што нивното здравје е загрозено. Цените на огревното дрво и цврстото гориво се зголемени поради ризиците околу сигурноста на снабдувањето. Голем број сиромашни домаќинства не можат да ја набават минималната потребна количина огревно дрво. Во студените периоди, на овие домаќинства не им преостанува ништо друго освен да ја користат струјата за греење на најевтин директен начин. Искуството е дека оваа потрошувачка го зголемува оптоварувањето на електричната мрежа до тој степен што загубите на мрежата се толку зголемени што за секоја единица испорачана енергија е потребно да се произведе или увезе од 1,3 до 1,5 пати повеќе енергија. Овој ефект може да биде толку голем што би довел до колапс на електроенергетскиот систем.

Елиминирањето на енергетската сиромаштија е критична јавна политика во областа на сигурноста на снабдувањето.

Следната зима ќе биде неопходно да се направат сериозни компромиси. Ќе биде потребно одредени големи потрошувачи да бидат исклучени од електричната мрежа. Компромисот меѓу фискалната стабилност, вработеноста, монетарната стабилност и одржувањето на девизниот курс од една страна и обезбедувањето минимална количина енергија за населението и приоритетните институции се наметнува како многу неопходна и многу деликатна јавна политика.

 

Александар Ковачевиќ, експерт за енергетика