Во една студија спроведена преку анкетата на „Светот на новинарството“, се вели дека медиумите во Косово се во полоша ситуација отколку што е објавено.

 Албулена Бакиу

Во Косово има голем број печатени медиуми, кои сега, поради пандемијата, работат само преку Интернет и објавуваат електронски, наместо да печатат како порано. Исто така, во последниве години има зголемување на бројот на независни медиуми кои функционираат како телевизии, но и како печатени и електронски медиуми, што значи дека многу медиуми користат два канали за комуникација за да ги пренесат своите информации до пошироката јавност.

За да остварувате дејност од областа на аудио-визуелните медиумски услуги во Република Косово согласно Законот бр. 04 / L-44 за Независната комисија за медиуми, потребна е лиценца за емитување, која ја издава Независната комисија за медиуми (НКМ).

Во текот на 2019 година, годишниот извештај на НКМ наведува дека има 19 лиценцирани телевизиски станици, 86 радио станици, 41 дистрибутивни оператори и 97 даватели на аудиовизуелни медиумски услуги.

Во една студија спроведена преку анкетата на „Светот на новинарството“, се вели дека медиумите во Косово се во полоша ситуација отколку што е објавено, бидејќи 2/3 од новинарите работат со привремени договори, и затоа новинарите може да имаат проблеми во нивното веродостојно и правилно известување, додека медиумите имаат многу потешкотии во нивниот опстанок.

Независните медиуми во последните години го кренаа стандардот за известување и почитување на слободата на печатот; вреди да се напомене дека овие медиуми овозможуваат многу малку простор за пропаганда и ширење говор на омраза за разлика од медиумите во други земји.

Во однос на одржливоста на независните медиуми, можеме да споменеме дека за некои од нив најголемиот проблем да се биде независен е во однос на финансирањето; тоа значи дека тие немаат стабилност на приходите, што овозможува да се влијае и врз нивниот квалитет и цел. Некои медиуми се финансирани од одредени бизниси, политичари и јавни личности, некои медиуми зависат од реклами, а некои имаат финансии исклучиво поврзани со кликови. Ова се веројатно причините зошто не можат да бидат целосно независни, бидејќи, додека пишуваат, на новинарите им се наметнуваат различни уредувачки политики. Бројот на кликови влијае многу медиуми да произведуваат сензационални вести со бомбастични наслови кои не се совпаѓаат со напишаниот текст, само за да ги зголемат нивните финансии.

Иако повеќето медиуми во Косово обезбедуваат квалитетно известување, новинарите и самите медиуми честопати примаат вербални и повремено физички и кибернетички закани само за да бидат заплашени, но овие закани и напади се значително помали во споредба со претходните години и со други држави. Медиумите во Косово, без оглед на предизвиците низ кои минуваат, се обидуваат да обезбедат брзи, точни и сигурни информации за граѓаните, благодарение на новинарите кои својата работа ја работат посветено.

Во многу случаи, овие новинари, преку истражувањата, приказните и написите што ги објавуваат, успеваат да решат многу големи прашања, да откријат многу корупциски скандали и брзо да решат многу проблеми на граѓаните, бидејќи, најпосле, мисијата на секој новинар е посредување или пренос на информации; медиумите се око и уво на секој граѓанин и не залудно се вели дека медиумите се четврта власт, по законодавната, судската и извршната власт.

 

Албулена Бакиу, службеник за комуникација со медиуми во општина Каменица