Отворен Балкан сѐ уште е полу-регионална иницијатива. Без учеството на другите земји од Западен Балкан, нејзиниот успех ќе биде многу ограничен, а може дури и да биде препрека за добри билатерални односи во регионот.

Алба Цела

Отворен Балкан, иницијативата која ја основаа Албанија, Србија и Северна Македонија, од неодамна е повторно во центарот на вниманието. Во почетокот, поддршката и тенденциозната изјава на рускиот министер за надворешни работи Лавров им даде муниција на критичарите на отворениот Балкан. Побрзаа со тврдења дека поддршката на Русија го потврдува сопствеништвото на Србија и дека е во спротивност со евроатлантските интереси на регионот. Неколку дена подоцна, учеството на Соединетите Американски Држави на Отворениот Балкански самит во Охрид уште еднаш го покажа интересот и поддршката од администрацијата на Бајден, по онаа на Трамп, за оваа иницијатива.

Отворениот Балкан е официјално претставен во 2019 година. Од почетокот предизвика многу дебати и влијаеше врз билатералните односи во регионот меѓу земјите кои го поддржуваат и оние кои не го поддржуваат. Најголемо негативно влијание имаше врз односите меѓу Албанија и Косово, кои во таа смисла се позиционирани на две спротивни страни.

Косово, како и другите критички актери, го опишува Отворен Балкан како проект на Србија да ја зголеми својата доминација и да отвори пат за трети влијанија во регионот, особено од Русија.

Ставот на Европската унија беше прилично променлив. Европската комисија истакна дека обврските преземени во рамките на Берлинскиот процес и регионалниот заеднички пазар треба да продолжат, а комесарот Вархели беше повеќепати присутен, поддржувајќи ги состаноците на ОБ.

Дали сите победуваат?

Отприлика, во првите три години од своето постоење, Отворен Балкан остана отворен на ниво на состаноци и фотографии, со изразен недостиг на транспарентност во координацијата на политиките. Во декември 2021 година беа постигнати првите вистински спогодби меѓу трите влади, кои беа подоцна објавени. На последниот состанок е постигнат и четврти договор и потпишани се три меморандуми за соработка, чие значење е симболично. Сѐ на сѐ, прерано е да бидат видливи реалните ефекти врз економијата. Единствената предност на слободното движење е фактот дека граѓаните на Албанија сега можат да влезат во Србија само со лични карти, што е мала поволност.

Експертите се поделени во проценките на корист и штета кои ќе ги имаат стопанствата од оваа иницијатива. Тоа што Србија е најголемо и најконкурентно стопанство во регионот, некои го оценуваат како однапред фаворизирана земја во однос на другите членки. Сепак, пазарните економии во меѓусебно поврзан свет секогаш функционираат под притисокот кој го наметнуваат едни на други и компаративната предност е неопходна. Значи, фактот дека некој друг е подобар не ѝ пречи на глобалната трговија, напротив.

Останатите бенефити, во контекст на работата и движењето на финансискиот капитал, е тешко да се предвидат. Факт е дека сите три земји, како и останатите три земји во регионот, имаат свој вектор на движење кон Европската унија, така што немаше интерес кај младите околу барање работа во земјите од регионот, туку нивното движење отсекогаш било кон Германија, Англија и слично.

Отворен Балкан досега според амбициите не го надмина она што можеше да се постигне со полна посветеност на сите страни во Берлинскиот процес и хрониките како што се РЦЦ, ЦЕФТА итн. Изборот да се посветиме на остварувањето на истите цели (4 основни слободи) под друг „чадор“ изгледа како избор за личен политички протагонизам на основачите.

Пред сѐ, Отворен Балкан сѐ уште е полу-регионална иницијатива. Без учеството на другите земји од Западен Балкан, нејзиниот успех ќе биде многу ограничен, а може дури и да биде препрека за добри билатерални односи во регионот.

 

Алба Цела е извршна директорка на Албанскиот институт за меѓународни студии и заменик на главниот и одговорен уредник на публикацијата Tirana Opservatory