Единствено одржливо решение е да се укрупни независната медиумска сцена. Инаку, многу мали, неодржливи, а професионално перспективни медиуми би можеле да исчезнат.

 Аднан Османагиќ

 Според официјалните податоци, медиумите во Босна и Херцеговина во 2020 година, со оглед на околностите, постигнаа завидни деловни резултати, кои беа малку полоши од оние од рекордната 2019 година. Прогнозите за оваа година се поволни. Се предвидува дека вкупните приходи на медиумите во БиХ ќе се вратат на нивоата пред пандемијата.

Поради многу големиот број медиуми во Босна и Херцеговина, беа анализирани податоците од 40-те најголеми. Во бројки, тоа изгледа вака: топ 40-те медиуми во БиХ во 2020 година постигнаа вкупно нешто повеќе од 122 милиони евра, што е само 3 милиони евра помалку отколку една година претходно.

Иако овие бројки изгледаат многу добро со оглед на ситуацијата во Босна и Херцеговина, малку подетална анализа ќе ја покаже вистинската слика за економската состојба на медиумската заедница во БиХ.

Од вкупните 122 милиони евра од првите 40, само три јавни сервиси заработиле 52 милиони евра, а јавните радиодифузери заедно со другите буџетски корисници оствариле огромни 80 милиони евра, што изнесува дури 65% од вкупно остварените приходи на врвните 40 медиуми во БиХ.

Ако комплетниот пазар за рекламирање, според проценките на релевантните агенции, изнесува околу 75 милиони евра, а најголемиот дел од тој колач го земаат овие 40 најголеми медиуми, а добар дел и оние кои се на различни буџети или поддржани од други, претежно партиски структури, тогаш не е тешко да се заклучи дека огромното мнозинство, особено независните медиуми, немаат можност да го постигнат потребниот и стабилен приход.

Како да се добијат потребните финансиски средства често претставува нерешлив проблем за повеќето медиуми во Босна и Херцеговина. Како прво, мораме да имаме публика, бидејќи само ако имаме доволно слушатели, гледачи и читатели, имаме шанса да стигнеме до огласувачот. Ние често го занемаруваме овој факт и мислиме дека огласувачите се заинтересирани за нашата програма или содржина. Ние создаваме програми и содржини за нашата публика, а не за огласувачи. Секако, за тоа мораме да имаме и релевантни докази.

Усното убедување дека токму ние сме најдобри, најслушани, најчитани или најгледани, не е добар начин. Денеска постојат независни механизми и агенции за мерење на нашиот реален досег до публиката.

Друг голем проблем за одржливоста на независните медиуми е недостатокот на соодветна деловна инфраструктура. Повеќето независни медиуми во БиХ се основани и водени од новинари. Тоа се професионалци, луѓе за програми и содржини. По правило, не се менаџери и тоа е сериозен недостаток. Модерен и успешен медиум мора деловно да функционира како компанија. Квалитетните решенија на ниво на менаџмент, маркетинг и промоција се услов без кој современите независни медиуми немаат перспектива.

Ако успееме да создадеме добра програма или содржина , да достигнеме доволен број на публика и успееме да воспоставиме соодветна деловна структура, нашите шанси за успех стануваат реални. Ова се услови без кои е едноставно невозможно.

Апсолутно е јасно дека толку голем број медиуми нема да можат да обезбедат доволно публика, ниту доволно потребен квалитетен кадар.

Единствено одржливо решение е да се укрупни независната медиумска сцена.

Инаку, многу мали, неодржливи, а професионално ветувачки медиуми би можеле да исчезнат. Тоа би било непоправлива загуба и за независната медиумска заедница и за општеството во целина.

 

Аднан Османагиќ, генерален директор на RSG Media Group, еден од основачите и поранешен долгогодишен претседател на Асоцијацијата за електронски медиуми на БиХ – АЕМ, визитинг професор на Академијата за изведувачки уметности во Сараево