Сега, 19 години подоцна, можеме лесно да заклучиме дека Солунската агенда беше премногу амбициозна и невозможна да се реализира како што беше проектирана, во смисла понуда на европска перспектива (членство во ЕУ) на земјите од Западен Балкан.

Авни Мазреку

Ако го гледаме Самитот во Солун во 2003 година како почетна точка, тогаш кога проширувањето на Европската унија се сметаше за процес преку кој се тежнееше кон стабилност на земјите од Западен Балкан (Југоисточна Европа), дефинираната агенда уште тогаш беше премногу амбициозна. Од сегашна перспектива, се чини дека нејзината реализација е премногу далеку. Проширувањето на ЕУ се покажа како еден од главните успеси на самата ЕУ и се покажа како ефикасен инструмент во стабилизацијата, но исто така и во економскиот, политичкиот и правниот развој во земјите од Источна и Централна Европа. Затоа, се планираше ваквиот инструмент (проширувањето на ЕУ), прилагоден за постконфликтните земји, да се имплементира и во земјите од Југоисточна Европа, обидувајќи се да понуди европско решение за отворените и завршени балкански прашања, прво со цел политичка, економска и правна стабилност, а подоцна и можност за полноправно членство во ЕУ. Сега, 19 години подоцна, можеме лесно да заклучиме дека Солунската агенда беше премногу амбициозна и невозможна да се реализира како што беше проектирана, во смисла понуда на европска перспектива (членство во ЕУ) на земјите од Западен Балкан, со исклучок на Хрватска, која од самиот почеток беше третирана како „посебно портфолио“.

Причините за неуспехот да се реализира Солунската агенда се многубројни, но главните се: глобалната финансиска криза од 2008 година, недостаток на политичка волја меѓу земјите на ЕУ за понатамошно зајакнување на институциите на ЕУ за политики на донесување одлуки за проширување, недостаток на волја на земјите аспиранти да иницираат реформи што ги бара процесот на влез во ЕУ и особено недостаток на волја на земјите од Западен Балкан за решавање на нивните отворени прашања преку билатерален дијалог; во овој случај меѓу најважните е проблемот околу непостигнувањето договор за целосна нормализација меѓу Србија и Косово.

Последново, договор за целосно нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, може да се смета како главна пречка за перспективата на целиот регион за влез во ЕУ. Ова е затоа што, како што научивме од претходните случаи (нагласувајќи го случајот на Кипар), ЕУ не е заинтересирана да ги претвори надворешните прашања во внатрешни прашања. Затоа, постигнувањето заеднички договор за целосно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово не само што ќе влијае позитивно на развојот на обете земји, туку во суштина ќе влијае на забрзување на процесот на членство во ЕУ на целиот Западен Балкан. Евентуалниот неуспех на Косово и Србија да постигнат заеднички договор не само што ќе го стагнира развојот на овие две земји во однос на нивните ЕУ перспективи, туку претставува ризик за создавање на политичка клима која би била ранлива на други глобални фактори кои се обидуваат да влијаат на развојот на Балканот; како последица, би имале недостаток на „Европеизација“ на Балканот, а верувам дека целта на граѓаните од целиот Западен Балкан е „Европеизација“ на нашиот регион.

 

Авни Мазреку е основач на колеџот ISPE, единствениот колеџ во Косово кој е профилиран за европските интеграции