Политиката пред секој човечки квалитет и талент ставаше нација, припадност на вера и на политички партии. Меѓу оние кои такви шинели не сакаа да носат секако беше Ивица Осим.

Џевдет Тузлиќ

Кога „плачат запрепастените бавчи“, како што зборувал Башескија, кога еднакво плачат во Јапонија, во Австрија и во Босна и Херцеговина, тогаш тоа е, без сомнение, планетарна болка. Како насловот на песната која ја претставуваше БиХ, ожалостена од војната, на Евросонг 1993 година, „сета бол на светот“ се разлеа на 1 мај 2022 година меѓу сите оние кои или слушнале или познаваа еден исклучителен човек и фудбалски познавач и стратег, Ивица Осим.

Замина „од онаа страна на радоста“ и со својата величина, со своите човечки квалитети и фудбалската магија која ја носеше и како играч и како тренер, остави неизбришлива трага. Остави верба дека политичката реалност на Балканот мора да тргне по некои други патеки, дека сите фудбалски асови, сите кои дојдоа во Алејата на великаните во Сараево за последен пат да се простат од Осим, а дојдоа од Загреб, Белград, Љубљана, Сплит, Марибор, Подгорица, Мостар… дека се носители на факелот на пријателството и на љубовта која згасна поради новата геополитичка реалност. Или, поверојатно, беше потисната, барала пат и начин да се покаже на дело. Со поклонувањето пред сенките на Ивица Осим направија важен потег. Со тој чин дадоа важен сигнал.

Осимовата смрт и политиката ја стави на тест, и во денот кога беше последното испраќање на легендата на босанскохерцеговскиот фудбал.

Се туркаа да бидат во „првите сафови“, да покажат дека и политиката има душа, а камерата и тоа да го забележи. Дури даваа и предлози од тажната поворка на почитувачите на Ивица Осим по градот да направат „перформанс“ на потегот од стадионот Грбавица до градските гробишта Баре.

На тоа, за среќа, се спротистави семејството, па Осим замина достоинствено како што и живееше.

Замина единствениот авторитет кој кормилото на репрезентацијата на Југославија го напушти во мај 1992 година, како личен протест против воените труби на злото кои најгласни беа токму во БиХ.

Неговиот авторитет беше пресуден и кога ја доби довербата да ја реши најголемата криза во повоениот босанскохерцеговски фудбал, кога се закануваше суспензија на Фудбалскиот сојуз, па Осим беше спасоносно решение, успеа „најважната споредна работа на светот“ да ја врати на патеката кон оздравување. Потоа стана почесен претседател на кровната фудбалска организација, но неретко изнесуваше критики за нејзиното работење. Го креваше својот глас против мешањето на политиката во фудбалот.

Колку е далеку денот кога сите Осимови идеи ќе заживеат.

Дали тој факел ќе знаат да го носат неговите наследници, но и следбениците ширум Балканот?

Затоа што, кога војната се всели на овие простори, особено во БиХ, многумина тихо липаа, а други кабадахијски урлаа од убиствена среќа…

Па војната помина, а останаа многу згаснати огништа, многу адреси без нејзините поранешни станари.

Сè се распадна, а остана сеќавањето на некое друго време кога сите беа собрани заедно.

Како луѓето да се вратат на „старото нормално“?

Како да ги залечат воените рани? Во БиХ, но и на Балканот.

Почна срамежливо преку културата и спортот, понекаде и преку стопанска соработка.

Почнаа да се воспоставуваат старите и да се создаваат нови врски.

Политиката каскаше, завлекуваше, „тргуваше“ со човечката несреќа. Играше на добитната комбинација на рамнотежа на страв. Пред секој човечки квалитет и талент ставаше нација, припадност на вера и на политички партии.

Меѓу оние кои такви шинели не сакаа да носат секако беше Ивица Осим.

Беше прв меѓу еднаквите.

 

Џевдет Тузлиќ, босанскохерцеговски новинар со повеќедецениско искуство на радио, телевизија и во печатени медиуми