С. Македонија и БиХ се држави кои се родени заробени – и двете се деца на мировни договори (Дејтонскиот и Охридскиот), во кој етничките елити ги вградиле своите интереси – да можат да ги контролираат како парите така и срцата и умовите на народот.

Љупчо Петковски

Овој текст е инспириран од книгата Sell Out, Tune Out, Get Out, or Freak Out? , која беше издадена неодамна од Democratization Policy Council и Евротинк од Скопје.

Книгата го изучува феноменот на заробена држава во “етнократиите“ БиХ и С. Македонија и неговата рефлексија врз начините на кои “народот“ реагира на системска неправда. Книгата ги “депатологизира“ политичкото насилство и екстремизмите, објаснувајќи ги не како последица на “забеганоста“ на поединците, туку како еден од “нормалните“ одговори на системските фактори кои ги произведува заробената држава.

С. Македонија и БиХ се држави кои се родени заробени – и двете се деца на мировни договори (Дејтонскиот и Охридскиот), во кој етничките елити (внатрешниот круг на моделот прикажан подолу) ги вградиле своите интереси – да можат да ги контролираат како парите така и срцата и умовите на народот. Елитите се потпираат на својата “пешадија“, “етничкиот селекторат“. Тоа се поединците кои под неформално овластување на елитите ги контролираат институциите (третиот круг), делејќи ресурси (финансиски, неказнивост, вработувања) за лојалните и казнувајќи ги нелојалните, ковајќи на тој начин премолчена согласност за заробената држава.

 

Четвртиот круг во моделот се граѓаните. Кога народот живее во заробен систем, во кој, како што велат и Македонците и Босанците, “хигиеничарките во школите не можат да се вработат без партиска книшка“, тогаш луѓето користат различни стратегии на прилагодување на системот кој произведува чувства на неправда.

Многумина, и се’ повеќемина не поради економски причини, туку поради квалитетот на животот, заминуваат (Get Out). Некои развиваат незаинтересираност за политиката, насочувајќи ја енергијата на приватниот живот и секојдневните битки (TUNE OUT). Многумина не ја проблематизираат играта или поради тоа што од системот добиваат привилегии како вработувања и пристап до јавни ресурси (трансакциски однос) или затоа што се вистински обеземени од владечката идеологија. Оваа стратегија е Sell Out.

Последната и најретка стратегија е разбеснувањето (Freak Out) – или негативно или позитивно. Понекогаш, луѓето се оттуѓени од системот до тој степен што прифаќаат екстремни политички идеологии, кои даваат чувство на припадност, мисија и цел. Крајно десничарските идеологии и исламскиот екстремизам се во реципрочен однос и претставуваат две страни на истата медаља – и двете ја промашуваат целта префрлувајќи ја вината за корумпираниот систем на малцинствата, сограѓаните и послабите. Негативната радикализација е во функција на статус квото.

Разбеснувањето е позитивно доколку артикулира политички визии базирани на идеите за правда и еднаквост. Протестите против корупцијата во 2014-2016 година во Македонија беа пример за позитивна радикализација на разбеснетиот народ, жеден за правда. Истото важи и за протестите во Босна во 2014 година. И двата протестни циклуса не произведоа системски промени. Сепак, без позитивна радикализација односно “случување на прогресивен народ“ нема развивање инклузивни политички идентитети кои го разнишуваат корумпираниот етноцентризам. Не е возможно ниту одзаробување на државите кои се родени заробени.

Како либералната меѓународна заедница, во која спаѓаат ЕУ и и САД, реагираат на различните форми на радикализација (Freaking Out)? Анализата покажува дека во однос на негативната радикализација, ексесивен фокус и ресурси се ставени во адресирање на проблематиката на CVE (Countering Violent Extremism), што во огромен број од случаите подразбира насочување на исламскиот радикализам и повратниците од боиштата во Сирија. Мал, растечки и недоволен фокус во програмите се става и на крајно десничарската радикализација.

Сепак, наинтересен е односот на либералната меѓународна заедница кон позитивната радикализација, кој, изненадувачки, се сведува на “припитомување“ и “кооптација“. Овој однос е базиран на претпоставката дека само корумпираните етноцентристички елити можат да испорачаат стабилност. Тој резонира со старите предрасуди од 1990тите години, според кои етничката омраза, а не структурните фактори како корупцијата, тлее и лесно може да го дестабилизира регионот.

Локалните заробувачи ја манипулираат оваа предрасуда претставувајќи се како еднинствените гаранти на стабилноста.  Затоа имаме противречност: од една страна повици за одзаробување на државите, како оние на Европската комисија, а од друга страна очекување дека институционалниот пристап и соработката со заробувачите ќе донесат резултат. Дали е можна демократија на Балканот без позитивната радикализација? Одговорот на авторите на извештајот е “Не“. Корупцијата, а не назадноста на народот, е најголемата закана за стабилноста.

 

Љупчо Петковски е политиколог и независен истражувач од Скопје со децениско иксуство во општествени истражувања.