Отворен Балкан како помал, пооперативен формат на соработка меѓу земји кои немаат отворени билатерални проблеми, успеа да направи неколку важни пробиви во пакетот „четири слободи“.

 Јелица Миниќ

Во Охрид на 7 јуни 2022 година се одржа четвртиот самит на лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“, која уште од самиот почеток предизвикува многу сомнежи, но покажува и несомнени резултати од корист на граѓаните, а особено на деловните луѓе во сите три земји што ја започнаа иницијативата. Од првиот самит во Нови Сад на 10 октомври 2019 година, кога Србија, Северна Македонија и Албанија објавија заедничка заложба за воведување четири слободи во нивните меѓусебни економски односи – слобода на движење на стоки, услуги, капитал и луѓе – кај другите членки на Западен Балкан 6 иницијативата, тогаш наречена „Мини Шенген“, наиде на недоверба и отпор. Дури ни на граѓаните од земјите членки на оваа иницијатива не им беше јасно за што се работи. Таман беше надминат отпорот кој го дочека покренувањето на Регионалниот економски простор за Западен Балкан, иницијатива која ја подготвија регионалните организации на Советот за регионална соработка и ЦЕФТА како клучни актери, а која ја промовира и ја стави под своја закрила Берлинскиот процес, на Самитот во Трст, во јули 2017 година.

Регионалниот економски простор во јули 2020 година, на Самитот на Берлинскиот процес во Софија, е дограден и претставен под сега новото име Заеднички регионален пазар на Западен Балкан. Повторно, четирите слободи се во фокусот на оваа иницијатива, но и поддршка за дигитализација, за усогласување на инвестициските политики, за малите и средните бизниси, а особено за младите претприемачи и иноватори. Но, и покрај тоа што оваа иницијатива ги вклучуваше сите шест членки на Западен Балкан, од еден самит до друг самит на Берлинскиот процес, поради затегнатите односи меѓу Србија и Косово, важните спогодби се или тешко потпишувани, како оној за соработка во областа на дигитализацијата, кој беше едвај потпишан на Дигиталниот самит во Белград 2019 година, или Спогодбата за меѓусебно признавање на дипломите и на квалификациите, која никако не е конечно усогласена, со што го попречува слободното движење на работната сила во регионот.

За разлика од форматот на Берлинскиот процес, кој даваше политичка тежина и авторитет на она што го подготвуваа регионалните организации во соработка со националните администрации на западнобалканската шесторка, Отворен Балкан како помал, пооперативен формат на соработка меѓу земји кои немаат отворени билатерални проблеми, успеа да направи неколку важни пробиви во пакетот „четири слободи“. Првиот е заедничкото интегрирано управување со граничните премини, како што е граничниот премин Табановце меѓу Србија и Северна Македонија, што овозможи непречен премин на патници и стока седум дена неделно, во текот на сите 24 часа, благодарение на непрекинатото работење на пасошките, царинските, санитарните и фитосанитарните служби, со големи заштеди за сите учесници во сообраќајот. Огромната предност на овој режим на прекуграничен сообраќај се покажа во текот на пандемијата Ковид-19, кога сите земји од регионот се вклучија во режимот на олеснет премин на границите за одреден број стоки, кој беше воспоставен во Европа под името „зелен коридор“.

Друг важен успех е промоцијата на заеднички пазар на работна сила за кој во Охрид штотуку беше потпишана Спогодба за меѓусебно признавање на дипломите и научните титули, како една од главните претпоставки.

Најголемиот недостиг на оваа иницијатива е тоа што не ги вклучува сите шест членки на Западен Балкан. Како најава за поголема инклузивност можат да се толкуваат присуството на премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, и на претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, на самитот во Охрид, со статус на набљудувачи. А како најава за нејзината понатамошна судбина може да се толкува изјавата на Европскиот комесар за проширување, Оливер Вархели, кој рече дека иницијативата ја има поддршката на ЕУ, како и изјавата на специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој рече дека САД го поддржува Отворен Балкан, но дека тој треба да биде инклузивен, дека треба да соработува и да се интегрира во рамките на пошироката европска структура, дека треба да претставува исклучиво економска, а не политичка иницијатива и дека начинот на кој функционира треба да биде појасен.

Само три дена подоцна, на 10 јуни во Солун, на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, учесниците повикаа на примена на Заедничкиот регионален пазар за Западен Балкан, под закрила на Берлинскиот процес, игнорирајќи го Отворен Балкан.

 

Јелица Миниќ, Претседателка на Европското движење во Србија