Се чини дека црковната хиерархија, отелотворена во нешто помлади епископи кои разбираат како функционираат светот и општествотото денеска, а предводени од патријархот, знае што сака – бегство од политичката арена, поддршка и соработка со властите, но подалеку од византискиот модел на симфонија. Меѓутоа, со оглед на досегашните односи, патот кон сето тоа тешко дека може да биде едноставен и праволиниски.

 Јелена Јоргачевиќ

Историски гледано, односот помеѓу Српската православна црква (СПЦ) и државата, до Втората светска војна, може да се окарактеризира како крајна потчинетост на Црквата пред државата, со неколку турбулентни моменти; потоа следи отвореното непријателство на режимот кон верските заедници за време на комунизмот, со нијанси во зависност од републиките, гео-политичките и личните односи; конечно, од 1990-тите години до денес, во овој однос имаше игнорирање и соработка, меѓусебно согласување и критики, како и прекумерни пофалби, но и злоупотреба на нивните позиции.

Едно е сигурно – во Србија постои речиси традиција на мешање на државата во работите на Црквата, а најочигледен пример се изборите за патријарх во последните стотина години. Оттука, токму на СПЦ би ѝ одговарало почитување и спроведување на јасните принципи на секуларна држава. Некои од водечките луѓе на Црквата денеска го разбираат тоа. Меѓутоа, честопати, во овие разговори, потоа со право се отвораат и прашањата за различните привилегии што ги има Српската православна црква, што, повторно, не треба да доведе до заклучок дека Црквата треба да се ограничи само на црковниот двор и да биде исклучена од јавната сфера.

Поранешниот патријарх Иринеј истакнуваше дека овој однос никогаш не бил толку добар како во времето кога тој беше на функцијата, а Александар Вучиќ беше на чело на државата. Комплиментите на сметка на државниот врв само се редеа, а ретко кој не се сеќава на говорот при доделувањето на Орденот Свети Сава од прв степен токму на претседателот Вучиќ. Од друга страна, повеќемина владици остро ја критикуваа истата таа власт од различни агли, па затоа епископот захумско-херцеговски Григорије и некогашниот митрополит Амфилохије минуваа низ „топол зајак“ во реализација на прорежимските таблоиди и парламентарното мнозинство.

Во својата беседа на устоличувањето (19 февруари 2021 година), патријархот Порфириј, меѓу другото, рече дека нема да ги следи патиштата на парцијални интереси, ниту, пак, дека неговите постапки „ќе содржат елементи на модерна партизација и партиска политика“, туку ќе се грижи, односно, ќе ја дели одговорноста за доброто на општеството. Во подоцнежното интервју за хрватскиот „Вечерњи лист“, тој посочи дека колку се поблиски односите меѓу Црквата и државата, како и нејзините водечки луѓе, толку подобро за секого, но додаде дека овие односи мораат да се темелат на „демократски процедури, на целосна почит кон слободата на сите“.

Кога ќе се подвлече линија по првите шест месеци на чело, патријархот Порфириј негува многу коректни односи со државата и човекот што ги држи сите лостови на моќта во Србија. Сето тоа беше очекувано, а сигурно е дека патријархот ќе се однесува подеднакво коректно и со секој следен претседател.

Сепак, нема претерани зборови ниту пофалби, соопштенијата по состаноците со претставниците на власта се намалени и не привлекуваат премногу внимание. И фотографиите од официјалните средби зрачат со одредена резерва.

Се чини дека сегашната црковна хиерархија, отелотворена во нешто помлади епископи кои разбираат како функционираат светот и општествотото денеска, а предводени од патријархот, знае што сака – бегство од политичката арена, поддршка и соработка со властите, но подалеку од византискиот модел на симфонија.

Меѓутоа, со оглед на целиот историски товар и на досега изградените односи, на овдешната испреплетеност на верското и националното, која е подложна на многу злоупотреби, на големата финансиска поддршка што ја ужива Црквата, на упорните, повеќе или помалку успешни обиди на властите да го инструментализираат секој актер и институција во јавниот простор, тој пат тешко дека може да биде премногу едноставен и праволиниски.

 

Јелена Јоргачевиќ, новинарка во неделникот „Време“