Ако бројот на инфицирани и на смртни случаи се зголеми, ако настапи голема деструкција во општеството, парализа во општеството поради пандемијата, тогаш владите на државата треба да ги искористат своите прерогативи и да наметнат задолжителна вакцинација.

д-р Јасенко Карамехиќ

Како универзитетски професор, пред да нѐ снајде чумата корона, на моите студенти често им зборував за вакцинацијата како за постапка на промислена стимулација на имунолошкиот систем во процесот на заштита од болести, за тоа дека со вакцинирање доаѓа до исчезнување на инфективните болести, на пример, сипаниците. Зборував за вакцините против бактериски болести и нивното искоренување, како сипаниците, една од најстрашните инфективни болести низ историјата. Па за активното и пасивното стекнување на имунитет по природен пат или со вештачко внесување на антиген. Сешто им зборував, а денеска дојде време сѐ повеќе да се зборува на таа тема во јавниот простор. Не само поради јачината со која короната го зафати целиот свет, туку и поради интересот на луѓето. А не е тајна дека најмногу ги интересира мислењето на имунолозите. Ним најмногу им веруваат.

Од првата појава на КОВИД-19 бев во постојан контакт и со колегите во Кина, таа соработка трае со децении и служи за размена на научни достигнувања и знаења. За разлика од чумата која во 14-ти век покоси повеќе од половина популација во Европа и во Азија, кога не се знаело ниту кој, ниту што, ниту како да се спротивстави на сето тоа, денеска е сѐ поинаку. Со вакцинација!!!

Квалитетно и ефикасно, единствено со вакцина. И тоа на глобален план да се создаде природен активен имун одговор. Светот е свет на споени садови.

Во текот на изминатите две години добро ги запознав пандемијата и вирусот, но и подеднакво многу непознати нешта.

Но, морам да кажам дека БиХ доста добро се снајде, што претставуваше изненадување за мене. Беа воведени и спроведени силни епидемиолошки мерки. Проблемите настанаа во моментот кога границите станаа порозни, кога во земјата влегуваше кој сака, немаше доволно тестирања…

И од почетните успеси стигнавме до црна листа, така што БиХ во моментов, според бројот на починати (3134 на милион жители), е веднаш зад Перу на светско ниво, а прва во Европа со преку 10200 починати.

Покрај тоа, многу е мал бројот на целосно вакцинирани, само 426000 или 12.9%. А колективниот имунитет бара да бидат вакцинирани најмалку две третини од вкупната популација.

Босанскохерцеговските власти не реагираа добро, беа бавни, немаше доволна промоција на вакцините, не беа навреме набавени, тоа е голема неодговорност за големите плати кои ги добиваат. Голем резил и срам. Додека браншата одлично си ја одработи работата.

Сакам да подвлечам дека заговарам доброволна вакцинација, доколку резултатите на теренот го дозволуваат тоа. Но, ако бројот на инфицирани и на смртни случаи се зголеми, ако настапи голема деструкција во општеството, парализа во општеството поради пандемијата, тогаш владите на државата треба да ги искористат своите прерогативи и да наметнат задолжителна вакцинација. Само во тој случај поддржувам посебни и наметнати мерки. Но, сѐ додека политиката има влијание врз здравството и врз науката, тоа не е добро. Затоа што овие кадри кои се наоѓаат на чело на здравствените штабови се политички кадри, не можете од нив да очекувате да се снајдат во оваа специфична и стручна работа. Тие не ги слушаат наложувањата од науката. За сето тоа најдобро сведочат аферите со респираторите, проневерите во набавките на други потребни нешта…

Јас сум претседател на здружението на имунолози. Имунологот е една од најважните гранки во борбата против пандемијата. А немаше ниту еден имунолог во кризниот штаб на Босна и Херцеговина. Тоа е голема непромисленост.

 

Проф. д-р Јасенко Карамехиќ, Емеритус на Универзитетот во Тузла, водечки имунолог во БиХ