Косовската претседателка Вјоса Османи подвлече дека Косово нема да се приклучи на иницијатива предводена од земја која не го признава суверенитетот на Косово.

Самир Бехариќ

Отворен Балкан е најновата иницијатива која промовира отворени граници, слободна трговија и економска соработка во рамките на Западен Балкан. Веднаш штом беше официјално прифатена од Србија и Албанија во 2019 година, иницијативата се соочи и со остри критики и со силна поддршка. Застапниците на Отворен Балкан ја опишуваат иницијативата како силен поттик за интеграција во ЕУ, додека нејзините критичари ја сметаат за лоша замена за ЕУ, во која силно доминира Србија. Северна Македонија брзо се приклучи на иницијативата, а преостанатите три земји од регионот ја отфрлаат таквата идеја, па Отворениот Балкан нè остава со многу отворени прашања.

Претходно овој месец, Северна Македонија беше домаќин на Отворениот балкански самит во Охрид, на кој се собраа лидерите на Албанија, Северна Македонија и Србија, како и претставниците на Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои присуствуваа на настанот како набљудувачи. Земјите основачи веруваат дека Отворениот Балкан ќе ги зајакне нивните економии и ќе ја подобри безбедноста и соработката. Сепак, лидерите на Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора сè уште се или поделени или не сакаат да се приклучат на иницијативата.

Косовскиот премиер Албин Курти ја отфрли поканата за учество на самитот во Охрид, нагласувајќи дека Косово е веќе вклучено во Берлинскиот процес, иницијатива со слична намера за зајакнување на регионалната соработка на Западен Балкан. Косовската претседателка Вјоса Османи подвлече дека Косово нема да се приклучи на иницијатива предводена од земја која не го признава суверенитетот на Косово, критикувајќи го албанскиот премиер Еди Рама дека ја предводи иницијативата заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Босна и Херцеговина, како и Црна Гора, се внатрешно поделени околу приклучувањето кон Отворениот Балкан. За разлика од косовскиот премиер, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ присуствуваше на Отворениот балкански самит во Охрид, аргументирајќи во корист на неговата земја да се приклучи на иницијативата. Но, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, не е на иста линија со Абазовиќ. Говорејќи на самитот Глобсек во Братислава на почетокот на јуни, Ѓукановиќ се спротивстави на приклучувањето на „иницијатива која не се заснова на вредностите на ЕУ и е паралелна со Берлинскиот процес“.

Во Босна и Херцеговина, која не е членка на НАТО, постојаната безбедносна закана од посредници поддржани од Србија и од Русија претставува голема причина за загриженост. За пробосанските сили во земјата, Берлинскиот процес останува приоритет – што не е поим што не го делат сите во земјата. Српските националистички партии го повикуваат босанското раководство да се приклучи на Отворениот Балкан, опишувајќи го како иницијатива насочена кон „обезбедување мир, зајакнување на стабилноста и проширување на економските врски“ во регионот.

Самитот на Отворен Балкан не го собра само раководството на пет земји од Западен Балкан, туку и претставниците на Соединетите Американски Држави и Европската Унија околу идејата за интеграција на Западен Балкан на заеднички регионален пазар. И покрај тоа што не беше присутна на самитот во Охрид, Русија истапи како најнов поддржувач на иницијативата Отворен Балкан, отворајќи нов сет на прашања кои ќе треба да се решат пред да се појави уште некоја регионална иницијатива.

 

Самир Бехариќ е истражувач на Балканскиот форум