Дали си сигурен дека ова што го зборуваш е искрено твое мислење, или сакаш да и се допаднеш на публиката.  Не ми се допаѓа сопствениот одговор секогаш, но продолжувам да се трудам.

 Предраг Арсовски

Терминот „инфлуенсер“ можеби во последно време добива негативна конотација, кога гледаме дека за истото се прогласуваат и старлети, но можеби во смисла на политички комуникации може да се подведе под дефиниција за критичка јавност.  Не сум сигурен дали поголемиот дел од оние кои редовно ги гледаме по изјави, во медиуми, и на разни дебати и јавни настапи, себеси се сметаат за инфлуенсери.  Јас секако не мислам дека сум некакво специјално влијание на јавното мислење, иако се случува во денот да имам и по десетина јавни настапи.

Често се прашувам дали во оваа смисла, идејата за Хабермасова јавна сфера има некаква аналогија.  Дефиницијата за јавно мислење е неопходно поврзана со еднаков пристап до медиуми и информации, но ние сме (инфлуенсерите), сепак попривилегирани по двата основа: имаме подобар пристап до информации, и имаме подобар пристап до медиумите.  Суштинското прашање тука е дали ваквиот, понекогаш затворен круг на јавни коментатори, е своевиден бабл сам по себе?  Има ли тука вистински плурализам и објективност?  За ова сеуште нема пресуда.

Најголем дел од оние кои влијаат на јавното мислење, по правило, доаѓаат од два поголеми табори: едниот е мејнстрим медиумите, каде доминираат професори, јавни личности, поранешни функционери или новинари и колумнисти, еден вид општествени опинион-мејкери.  Втората категорија, која зафаќа се поголем дел од јавната сфера, се органски популарни личности, најчесто со приватно мислење, кои доаѓаат од социјалните медиуми.  И првите и вторите влијаат на јавноста, дури понекогаш тоа влијание и добро го монетизираат, но начинот на кој го спроведуваат јавниот дискурс е сепак различен.  Социјалните медиуми се, сепак, приватен атар, и не се подложни на таков надзор и критика како мејнстрим медиумите.  Затоа, начинот на пласирање ставови, дискусии, па ако сакате, и одговорноста за кажаниот збор, се различни.  Оттаму, кога зборуваме за критичка јавност, повеќе мислиме на овие традиционални инфлуенсери.

Дали имаме клучно влијание?  Не знам.  Науката варира во влијанието на медиумите воопшто, од тоа дека јавноста директно се формира преку овој канал, до тоа дека медиумите немаат никакво влијание на јавното мислење.  Вистината, за мене, е некаде на средина.  Секако се согласувам со тврдењето дека медиумите ја поставуваат агендата на денот, односно бираат кои теми ќе бидат предмет на разгледување на јавноста во еден период.  Оттаму, влијанието на јавните настапи на инфлуенсерите можеби е повеќе поврзано со овој феномен – како ги следат и коментираат темите кои медиумите ги избрале за важни.  Тука, мислам дека влијанието повеќе се ефектуира кон т.н. неопределена, критичка, јавност, каде овие личности се далеку повлијателни одошто кај веќе определената публика.  Така, се потврдува старото правило: оние кои веќе го формирале мислењето на некоја тема, поверојатно е да го сменат мислењето за некој кој им се спротивставува, одошто да се предомислат.  Така, за нас, прашањето се сведува на тоа дали и колку, ќе внесеме популизам во нашите настапи, бидејќи сепак, нашиот пристап до медиумите е еден вид социјален капитал, кој инфлуенсерите грижливо го чуваат.

Затоа, кога имам повеќе настапи на ден, (се случува да имам настапи на лента и на секои 15 минути, редени изјави, дебати и слично), суштинското прашање кое се обидувам да биде активно во мојата глава секогаш, е: дали си сигурен дека ова што го зборуваш е искрено твое мислење, или сакаш да и се допаднеш на публиката.  Не ми се допаѓа сопствениот одговор секогаш, но продолжувам да се трудам.

 

Предраг Арсовски, комуниколог и политички аналитичар