Сепак, со оглед на тоа дека Европската политичка заедница нема да има своја администрација, ниту буџет, и дека останува нејасен статусот како институција на Европската унија, прашање е каков е реално капацитетот на ваква организација за подготовка и носење одлуки, и особено за нивно спроведување.

 

Осман Топчагиќ

Неполни пет месеци откако францускиот претседател Емануел Макрон во својот говор во Европскиот парламент, симболично одржан на завршната конференција од дебатата за иднината на Европа, на 9 мај, Денот на Европа, ја изнесе идејата за основање на Европска политичка заедница, одржан е првиот состанок на челниците од 44 повикани држави од европскиот континент.

Идеите за собирање на сите држави од европскиот континент датираат уште од времето по Првата светска војна преку Пан-европското движење, а во поново време одново оживеаја по падот на Берлинскиот ѕид и исчезнувањето на блоковската поделба.

Овојпат, непосреден поттик за изнесување на предлогот беше апликацијата на Украина, која е изложена на руска агресија, но и на Молдавија и Грузија за членство во Европската унија. Со доделувањето на кандидатски статус на Украина и на Молдавија, но и многу јасна свест и порака дека до полноправно членство во Европската унија се доаѓа преку процес кој оптимистички трае со години, а реално со децении, остана потребата во овој момент да се бара и да се воспостави сѐ-европска платформа, првенствено за политичка и за безбедносна, но и за соработка околу прашањата поврзани со енергијата, транспортот, миграциите и друго, како што ќе се покаже потребно.

Првиот Самит на Европската политичка заедница е одржан во Прага како полудневен состанок.

На некои од прашањата кои се поставија веднаш откако беше изнесена идејата за основање на оваа нова организација сега е возможно да се понудат барем приближни одговори.

Како прво, состанокот е одржан и тоа е самото по себе успех. Зачувано е единството на практично сите европски држави кои ја осудија руската агресија врз Украина. Како што и беше најавено, не беа усвоени никакви документи, ниту беа дадени заеднички изјави. Фактот дека присуствуваа држави членки на Европската унија, кандидати и потенцијални кандидати за членство, држави кои остануваат во соседството и немаат перспектива за членство, но и Обединетото Кралство кое ја напушти ЕУ, го потврдува сеопфатниот карактер на оваа нова организација.

Како што обично се случува на маргините на големите мултилатерани настани, и овде беа одржани низа билатерални состаноци, од кои најголемо внимание предизвикаа средбите меѓу францускиот претседател и британската премиерка, како и меѓу претседателите на Азербејџан и на Ерменија. За државите од Западен Балкан, барем според изјавите на некои од присутните претставници, отстрането е стравувањето дека ова ќе биде замена за ветената перспектива за членство во ЕУ.

А бидејќи членството, дури и за оние кои се отидени најдалеку во преговорите, е сѐ уште доста далечна перспектива, тогаш присуството и можноста за размена на мислења, па и за евентуално носење на одлуки, е корисна работа. Конкретната корист ќе зависи и од тоа како Европската политичка заедница понатаму ќе се развива и воспостави. Ако може да се суди според еден аналитички текст на Институтот Роберт Шуман, акцентот овде би можел да биде ставен на прашањата кои се опфатени со политичкиот критериум за членство во ЕУ, што на аспирантите за членство би можело да им послужи како подготовка за исполнување и спроведување на соодветните услови.

Сепак, со оглед на тоа дека според искажаните ставови, Европската политичка заедница нема да има своја администрација, ниту буџет, и дека останува нејасен статусот како институција на Европската унија, прашање е каков е реално капацитетот на ваква организација за подготовка и носење одлуки, и особено за нивно спроведување. Тоа ќе зависи и веројатно ќе се види по следните состаноци, кои на секои шест месеци ќе се одржуваат наизменично во држави кои веќе се членки на ЕУ и во држави кои не се.

 

Осман Топчагиќ, Актуелен претседател на Пан-европската унија во БиХ, во последниве 20-тина години интензивно е вклучен во процесите на придружување кон евроатлантската заедница