Историјатот на политичкиот дијалог во Република Северна Македонија открива интересни феномени врзани за тоа каков бил излезот од политичките кризи кои периодично се појавуваат од осамостојувањето на државата па се до денес.

 

Ненад Марковиќ

Поимот политички дијалог има повеќе значења и може да се однесува на дијалог на политичките актери во пошироката политичка арена, дијалог на политичките партии во Собранието, а во нашата држава често се поистоветува и со вонинституционални форми на дијалог помеѓу политичките партии како што се лидерските средби. Целта на секој политички дијалог е преку разумна и аргументирана делиберација да се стигне до консензус или приближување на позициите за одредени прашања помеѓу актери кои имаат конфликтни или спротивставени интереси, позиции или ставови. Ова подразбира желба за рационална размена на аргументи кај политичките актери но и минимум демократски капацитет на политичките чинители за разумна дебата и прифаќање на компромиси кои се прифатливи за засегнатите страни во одреден политички аргументативен простор. Политичкиот дијалог најчесто треба да се одвива во Собранието, но Собранието често не е единствениот простор во кој политичкиот дијалог се одвива.

Историјатот на политичкиот дијалог во Република Северна Македонија открива интересни феномени врзани за тоа каков бил излезот од политичките кризи кои периодично се појавуваат од осамостојувањето на државата па се до денес. Од првата поголема криза која почна со бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на вториот круг на парламентарните избори во 1994 година па се до најновите случувања во Собранието и обидот за промена на собраниското мнозинство, јасни се контурите по кои политичкиот дијалог се движи и начините до кои се доаѓа до решенија. Ова секако ги вклучува и кризите како што се воениот конфликт во 2001 година, кризата околу Законот за територијалната организација од 2004 година, Мајскиот договор од 2007 година, Собраниската криза од декември 2012 година но и бојкотот на Собранието од страна на СДСМ во 2014 година.

Една од основните обележја на секоја од овие кризи, по кои се јавува потреба од поинтензивен политички дијалог, е блокадата на институциите, а најчесто Собранието. Политичките актери одбиваат да партиципираат во работата на институцијата која не е само законодавен, туку и делиберативен дом и место на размена на аргументи и политички дијалог во потесна смисла. Ова ја парализира работата на законодавниот дом и доведува до изместување на политичкиот дијалог вон институцијата која е примарно задолжена за него. Втората компонента на скоро секоја од овие кризи е посредувањето а неретко и менаџирањето на тие кризи од страна на меѓународната заедница, која во ситуација на комуникативен ќорсокак на политичките актери, се јавува како иницијатор и посредник во политичкиот дијалог во земјата. Третата компонента е слабата интернализација (прифаќање) на решенијата, кои иако општоприфатени, дел од актерите потоа ги прикажуваат како наметнати и наметнати со сила, што ја саботира самата поента на политичкиот дијалог и оневозможува градење на доверба помеѓу засегнатите страни.

Форматот во кој политичкиот дијалог најчесто се одвива во земјава се лидерските средби, кои преставуваат своевиден феномен во Р.С. Македонија, а не се непознат формат и во регионот. Тие се најчесто средби на партиските лидери и/или раководства на кои, со посредство на актери од меѓународната заедница, доаѓа до надминување на одредени проблеми кои се јавуваат во политичката арена. Од една страна тие се ефикасен и брз начин преку кој се доаѓа до решенија, но од друга страна, го саботираат демократскиот капацитет, како на политичките партии, така и на институциите на државата.

 

Проф. д-р Ненад Марковиќ е редовен професор на политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје