Како млада, амбициозна личност, имам чувство дека ова блиско минато претставува кредит со голема камата која повремено и расте, а го исплаќам за производ кој не сум го сакала.

Марија Бабиќ

 „Можете да ги избришете спомените, но не и историјата која ги создала“, рекол познатиот јапонски писател Харуки Мураками во едно од своите најчитани дела. Како млада личност родена кон крајот на 90-тите години, а со самото тоа лишена од партиципација во политичко-општествените настани, сепак имам чувство дека го носам товарот на тогаш новоисцртаните граници, во чие креирање не учествуваа ни моите родители, ни нивните пријатели, ни роднините, а камоли јас.

Родена сум во 1998 година и само пасивно сум била дел од оние случувања што ја обликуваа мојата сегашност – војни, миграции, инфлации, сиромаштии, дискутабилни политички одлуки кои фактички предизвикаа загуби и на „едната“ и на „другата страна“. Она на што јасно се сеќавам се стравовите кои мојот постар брат ги имаше во текот на ноќите, а кои настанаа како последица од бомбардирањата во 1999 година.

Моја голема среќа е што имам роднини и пријатели во Хрватска и што, според потеклото од мајчина страна, сум делумно и Хрватка. Односите меѓу Србија и Хрватска отсекогаш биле комплексни и, веројатно, да се потпирам само на она што се пласира во медиумите во двете држави, никогаш не би смеела да одам таму на летување. Спротивно на тоа, секоја година одам да го посетам своето семејство и никогаш, дури ни при првата посета по завршувањето на војната, не сум почувствувала ни најмала нелагодност поради минатото во кое не сум учествувала. Токму тоа и е суштината, дека, од денешна перспектива, никој од нас нема впечаток дека воените судири биле она што самите сме го избрале. Дури, во сегашниот наратив, за оние кои во свои раце ги зедоа судбините на сите нас се користи терминот „оние таму“.

Периодот на 90-тите години во нашето и во околните општества исцрта повеќе разлики одошто сличности. Можеби ниту јас, ниту некој мој не сме сакале да се случи сè што се случи, но како млада, амбициозна личност, имам чувство дека ова блиско минато претставува кредит со голема камата која повремено и расте, а го исплаќам за производ кој не сум го сакала. Што се променило оттогаш? Дали и какви новости донесе 6-ти октомври? Одлуките кои беа донесени во 90-тите и на почетокот од 2000-тите години влијаат врз моето денешно вработување и образование. Чувството на неизвесност од минатото се прели и во сегашноста. Околностите кои се случуваа на нашите простори во овој период оневозможија да се унапредува тогашното општество. Лично сметам дека, да сме имале тогаш стабилност, нашиот образовен систем денеска би бил значително поразвиен, па оттука, сите мои колеги од факултет и јас во текот на четиригодишното образование ќе имавме адекватна практична настава и ќе работевме според стандардите на актуелниот пазар, наместо да им робуваме на трендовите од 80-тите години. Слично како кај развојот на дете, ако тој не се случи во предвидениот период, како кај останатите врсници, тоа дете постојано заостанува и не може адекватно да ги исполнува задачите.

Голема доза на оптимизам ми влева размислувањето дека нашето општество, носено од денешните млади генерации, може да се унапредува. Ние младите и стратешки, а би требало и практично, навистина сме важен соговорник за иднината на сите земји од регионот. Сакам да патувам, да се усовршувам и да уживам во плодовите од својата работа. Никогаш нема да бидам подготвена да ги избришам националната култура и наследство, но сакам да бидам дел од структура која ќе одлучува за својата иднина.

 

Марија Бабиќ, претседателка на Форумот на млади на Европското движење во Србија