По кој тек и да одат анализите, сѐ укажува на тоа дека клучот за промени е во демократизацијата на политичките партии, кои поради партократските практики стануваат вистински центри на моќ на штета на демократијата, функционирањето на институциите и владеењето на правото.

Д-р Лејла Рамиќ-Месиховиќ

Лошата застапеност на жени во политиката, па и општо во сите процеси на донесување на одлуки во Босна и Херцеговина, ниту е ендемска појава, ниту е од вчера. Но, не се од вчера ниту процесите за промена на праксата и свеста во Босна и Херцеговина кон поквалитетни и поинакви. Траат барем 76 години и имаат свои подобри и полоши денови. Дури и во општествено-политички контексти како што е сегашниов, во кој Босна и Херцеговина аспирира да се приближи кон Европската унија и меѓународните определби како што се Целите за одржив развој, неусогласеноста на декларативното и манифестациското доведува до тоа важни цивилизациски определби како демократизацијата да ја губат острицата.

Она што охрабрува е дека во меѓувреме, антидискриминаторското однесување и определби сѐ повеќе се изложени и доведувани до апсурд во општеството во Босна и Херцеговина, но и дека рамките за системско дејствување и креирање на јавни политики сега имаат зголемена обврска да бидат водени од принципот на еднаквост на сите граѓани, без оглед на биолошките и социјално припишаните факти. Ова се рефлектира и во малото, но конзистентно зголемување на бројот на избрани жени на локално ниво. На пример, на изборите во 2016 година беа избрани 18,5% , а во 2020 година 19,6 % жени во законодавната власт. Онаму каде ситуацијата е значително полоша се позициите како градоначалничките, на кои не се однесува ниту една мерка, како што е квотата од 40 проценти која ја имаме на списоците за законодавната власт. Овде можеме точно да видиме како политичките партии се усогласуваат со претпоставените преференци на електоратот, кој во контекстот на Босна и Херцеговина неизбежно оди на штета на жените. Скоро по правило, нееднаквоста во нивото на поддршка и видливост на кандидатите во предизборниот процес следи скоро имплицитна линија на родова припадност.

По кој тек и да одат анализите, сѐ укажува на тоа дека клучот за промени е во демократизацијата на политичките партии, кои поради партократските практики стануваат вистински центри на моќ на штета на демократијата, функционирањето на институциите и владеењето на правото. Правилата на игра полека се менуваат. Жените се сè повеќе свесни дека учеството во општествено-политичкиот живот не е нешто за што треба да се чека понудена можност, туку дека можностите треба да се создаваат и искористат. Расте свеста дека концептот на родова еднаквост неизбежно и неповратно ги редефинира структурите на моќта, на начин што отпорот на овие структури станува сѐ повидлив и побизарен.

Приказната за квалитетот на женското политичко претставување во јавниот дискурс е обично бинарна, само делумно втемелена и дополнителна поддршка за дискриминаторско однесување. За среќа, она што се генерира како секојдневие, но и како цивилизациска придобивка, се сè повеќе примери на глобално и локално ниво кои оставаат сè помалку простор за родово пристрасни и дискриминаторски шпекулации. Правилата на игра се менуваат. Политичката (не)култура и дискриминаторските практики стануваат сè попрепознатливи и неприфатливи. Потезите направени од незнаење, инает, мизогинија и страв од промени сѐ полесно се детектираат.

Од друга страна, достигнувањата на тимовите и земјите предводени од жени се сѐ повидливи на глобално ниво. Во БиХ сме горди на жените во политиката кои градат мостови меѓу луѓето, работат за подобра иднина и поддржуваат други жени и генерации што доаѓаат. Затоа што, во суштина, тоа е вистински важно.

 

Д-р Лејла Рамиќ-Месиховиќ, политиколог, раководителка на проектот „Жени на избори“ во БиХ