Во Косово правото на абортус е загарантирано со закон, но во пракса ова право им е ускратено на многу жени. Тоа е затоа што абортусот е сè уште генерално поврзан со моралот и честа на жената.

Леонида Моликај

Во патријархалните општества, како во Косово, така и во многу други земји, мајчинството се смета за главна доблест на жената. Во оваа насока, репродуктивното здравје зазема многу малку место во јавната дебата. Дури и кога станува збор за абортусот, третманот често е обвиткан со стигма и многу ретко се зборува за правата на жените да донесуваат одлуки за нивните тела и животи.

Во Косово правото на абортус е загарантирано со закон, но во пракса ова право им е ускратено на многу жени. Тоа е затоа што абортусот е сè уште генерално поврзан со моралот и честа на жената. Но, фактот што абортусот сè уште се смета за неморална интервенција не ги спречува жените да го вршат, туку ги принудува да пронајдат други форми на абортус кои често го загрозуваат нивното здравје и живот.

Студијата објавена од „Препортр“ покажа дека жените кои бегаат од стигмата абортираат во нелиценцирани клиники или користат таблети што се продаваат во аптеки без лекарски рецепт. Истражувањето покажало и дека жените чувствуваат предрасуди кога бараат абортуси во јавните клиники, поради фактот што здравствените работници често имаат конзервативен пристап кон абортусот како право на жената.

Настаните што се случуваат во САД против правото на абортус може да им наштетат на жените насекаде во светот, вклучително и балканските земји. Веќе забележавме дека слични рестриктивни иницијативи започнаа и во други земји. Според истражувањето на „OpenDemocracy“, десничарските христијански групи во САД потрошиле најмалку 280 милиони долари за да ги зголемат кампањите против абортусот и против ЛГБТК заедницата ширум светот. Од друга страна, масовните протести кои насекаде беа организирани од бранителите на женските права влијаеја рестриктивните политики за абортусот да не минуваат во тишина.

Од минатото знаеме дека забраната на абортусот со закон не влијае на намалувањето на бројките за абортуси. Абортусите ќе продолжат да се случуваат и покрај законските или културните забрани. Ваквите ограничувања веќе ги загрозуваат животите на жените, кои се принудени да вршат абортуси во нелегални форми. Поважно е да се напомене дека според Светската здравствена организација, небезбедните абортуси се трета водечка причина за смртност на мајките во светот.

Правото на абортус што беше освоено како резултат на колективната посветеност на жените ширум светот е во опасност да биде поништено. Затоа, денеска повеќе од кога било, решението мора да биде феминистичка организација. Жените треба да го уживаат правото сами да одлучуваат за репродукцијата, без мешање на семејството, државата и без страв од предрасуди и казни. Правото на нашето тело ни припаѓа само нам!

 

Леонида Моликај е извршен директор и главен уредник на Центарот за информирање, критика и акција – CICA