Јас лично ја напуштив својата земја во потрага по подобро образование. За време на средношколските години, сфатив дека моите оценки не се важни, туку знаењето што ми недостасува.  

Ирнеа Муховиќ

Една од најтешките одлуки што сум ги донела во животот беше да го напуштам семејството и родната земја и да заминам на студии во странство. Ден-денеска имам моменти кога ја преиспитувам мојата одлука и се прашувам дали направив вистински избор.

Луѓето кои не морале да остават сè, вклучувајќи ги и семејството, своите пријатели, својата земја, едноставно никогаш нема да знаат какво е чувството да студираш и / или да живееш во странство. Постои дел од нас кој секогаш недостасува, секогаш како да се прашуваме каков би бил животот ако никогаш не заминевме.

Кога луѓето ќе одлучат да ја напуштат својата земја, јасно е дека зад тоа мора да постои силна причина. Никогаш не е толку едноставно како што изгледа.

Младите од Косово ја напуштаат својата земја од многу причини, како што се слабиот образовен систем, недостаток на можности, недостаток на признание за нивната напорна работа, високи стапки на невработеност и уште многу други. Јас лично ја напуштив својата земја во потрага по подобро образование. За време на средношколските години, сфатив дека моите оценки не се важни, туку знаењето што ми недостасува. Не беше важно дали ги имав сите петки или не, знаењето не беше таму. Знаев дека студирањето во странство може да ми го даде она што ми недостасуваше во мојата татковина.

Во исто време, младите во Косово не чувствуваат дека нивната напорна работа е забележана или ценета. Долги години, работните места се пополнуваат преку непотизам или корупција. Ова ги натера многу луѓе да мислат дека што и да прават, нивната напорна работа никогаш нема да се исплати. Постојат многу дипломирани студенти кои, за жал, не работеле ниту еден ден во своите области поради високите стапки на невработеност, поради што се принудени да работа каква била работа за да можат да преживеат. Косово е мала земја и луѓето се свесни каква е ситуацијата. Секој човек знае барем еден човек со иста или барем слична приказна, не оставајќи им на младите друг избор освен да ја преиспитаат сопствената иднина на Косово.

Дури и оние кои на крајот наоѓаат работа во своите области знаат дека можат да добијат поголема плата во земјите на ЕУ или на Запад. Па, кога ќе се појават такви можности, со возбуда ги прифаќаат.

Сепак, верувам дека циклусот треба да се прекине во одреден момент. Ние сме иднината на Косово и верувам дека оние од нас кои имаа среќа да студираат во странство и да добијат силно образование, имаат некаква обврска да се вратат во Косово за да се борат и да работат напорно за да ја направат земјава подобро место за оние што ја немаа истата шанса.

На крајот од денот, се чувствувам благословено што имав можност да се школувам во странство. Би било сон еден ден да ги искористам моите знаења и вештини за да придонесам за понатамошниот развој на Косово и да помогнам да биде подобро место за идните генерации.

 

Ирнеа Муховиќ е неодамна дипломиран магистер во областа на комуникациски студии на Универзитетот во Северна Ајова, САД. Живее во странство од својата 17-та година