Мене осудувачките ставови ми биле наметнати уште кога сум била дете. Не сум се занимавала со тоа. Тоа била затворена книга во текот на целиот мој живот. Горда сум и благодарна на разбирањето што ми го пружи ќерка ми за и јас подобро да разберам.

Зора Миловановиќ

Го спуштам погледот, ја вртам главата. Тесна ми е сопствената кожа и најрадо би побегнала.

Се прашувам – „Како е тоа возможно? Што се случило?“ Река од најодвратни зборови истече од мојата уста! „Немој да ми го правиш тоа!“ – плачев и врескав по неа истовремено! Се чувствував како да ме изместила од мојот живот.

Секогаш со ќерка ми сум разговарала отворено, без задршка – очи в очи. И колку и да ми се чинело дека има километри меѓу нас, обостраната љубов и најзначајното и најчистото чувство на припадност секогаш ја смируваше страста – а двете сме страствени! Овојпат, ме гледаше немо со леден израз на лицето, додека јас размислував за тоа како таа се одрече од нашиот заеднички пат кон иднината. Сѐ што мислев и правев да биде најдобро за неа. Не сакав ни да ја погледна. Тишината зборуваше сама за себе. И понатаму се прашував „Зошто животот баш мене ми го прави ова?“. За што и да почнам да размислувам, мислата ми прекинува фактот дека мојата ќерка – миленичка, има девојка!

Ужас! Имав чувство дека ќерка ми ме посрамотила и ме предала.

Времето минуваше и секоја бура од чувства и мисли почна да се сведува на прашања: „Дали си подготвена да ја изгубиш? Да не ја видиш можеби никогаш повеќе? Веќе никогаш да не ја бакнеш? Да не ја гушнеш и кога се смее и кога плаче? Дали ми е најважно што ќе кажат луѓето?“ Тогаш сфаќам, никогаш не ми било важно што ќе кажат луѓето, особено кога имам став за нешто. Потоа следеше неочекувано прашање за мене: „Дали јас воопшто имам став за геј популацијата?“

Дозволувајќи си да размислам во сопствената тишина, кога сум најискрена кон себе, сфаќам дека јас не сум имала мислење за тоа. Мене осудувачките ставови ми биле наметнати уште кога сум била дете. Не сум се занимавала со тоа. Тоа била затворена книга во текот на целиот мој живот. Секоја осуда била блед обид за моја одбрана на сопственото незнаење.

Ја набљудував со крајчето од окото, да не забележи. Па таа е истото она пајче што бескрајно го сакам, за кое без размислување би го дала својот живот! Сфаќам дека ни таа мене не ме гледа. Можеби само со крајчето од окото.

Тогаш решив да се одречам од својата себичност да бидам јас, преку нејзиниот грб. Се одреков од она што го посакував таа да биде за мене, затоа што, каде се нејзините желби!? Се одреков од стереотипното право дека јас знам што е најдобро за моето дете, затоа што, што мисли таа? Дали јас дозволував мене некој нешто да ми одредува? Не!

Почнав да се чувствувам посрамотено, затоа што бев на пат да ја предадам својата ќерка. Ужас!

Не сакам да се откажам од моето дете! Не постои нешто на светов поради што би ја оставила без поддршка, да се бори сама против неправдите! Дознавајќи повеќе на оваа тема, сфатив дека сум ѝ попотребна од кога и да е. И онака луѓето со геј ориентација се мета на осудување поради туѓото незнаење и себичност, а тоа е и мое дете!

Често разговарав со неа и со нејзината девојка, пиев кафе, се смеев и плачев и бев најсреќната мајка на светот што имам ќерка со која можам да се гордеам, со нејзината интелигенција, хумор, со ставовите во животот, а толку е млада! Горда сум и на изборите на партнерка што ги прави, затоа што знае што не сака! Горда сум и благодарна на разбирањето што ми го пружи ќерка ми за и јас подобро да разберам.

Денеска единствено ми е и понатаму срам од мојата прва реакција… од моето родено дете!

 

Зора Миловановиќ, Белград