Голема улога во промовирањето ставови против абортусот, покрај црквите, има растот на политичкиот конзерватизам во спрега со националистичките „решенија“ на демографските проблеми.

Зорана Антонијевиќ

На интерактивната мапа на Центарот кој ја следи состојбата на репродуктивните права на жените во светот веќе 25 години, повеќето земји од западен Балкан, како и од централна и од источна Европа (освен Полска) спаѓаат во групата земји со либерален однос кон намерниот прекин на бременост. Зошто тогаш ширум Европа жените внимателно наслушнуваат што се случува со нивното неотуѓиво право сами да одлучуваат за тоа со кого, колку и кога ќе имаат деца, доколку воопшто сакаат да ги имаат?

Одговорот лежи во оправданата загриженост поради ретроградните трендови и последиците што тие ги имаат по животот и здравјето на жените. Страшната судбина на Мирела Чавајда од Хрватска и Изабела и Агњешка Т. од Полска сведочат за тоа. На Мирела Чавајда годинава повеќепати ѝ беше одбиено правото на абортус на плодот со неизлечив тумор на мозокот, а трудниците Изабела и Агњешка Т. умреа од последиците на ненавремен прекин на бременоста, едната во 2020, а другата во 2022 година. Жените од Северна Македонија сѐ уште ги паметат измените на Законот за прекин на бременост од 2013 година, кој предвидуваше низа понижувачки постапки за жените (писмено барање, советување) пред да биде одобрен абортус.

Најмалку два тренда се присутни во ограничувањето на правата на жените слободно да одлучуваат околу раѓањето. Првиот е носењето на рестриктивни закони, најчесто од страна на конзервативните политички елити, со сесрдна поддршка на разните цркви. Другиот тренд покажува дека отпорите кон ова фундаментално женско право можат да добијат нови форми, не нужно преку рестриктивни закони, туку преку разни пракси на (не)делување од страна на медицинскиот и на немедицинскиот персонал. Овде се работи за правото на „приговор на совеста“, односно правото на лекарот поради сопствени (најчесто религиски) уверувања да одбие да изврши абортус, одолговлекување на процедурата за слободен прекин на бременоста со цел пробивање на рокот од 10-12 недели, а потоа поставување на нови барања и кон жената и кон здравствената установа, оневозможување на медицински абортус, воспоставување на обврска за „советување“ со професионалци или духовни лица со цел да се влијае врз одлуката на жената. Пошироко гледано, одбивањето да се воведе програма за сексуално образование во училиштата, како и бесплата и достапна контрацепција, исто така му одат во прилог на овој тренд. Сѐ на сѐ, трендот на недиректен „тивок“ отпор во комбинација со намалувањето на средства за социјални, здравствени и образовни програми во врска со репродуктивните права и здравје е многу поопасен, бидејќи премногу наликува на „синдромот на варена жаба“.

Голема улога во промовирањето ставови против абортусот, покрај црквите (кои екуменско согласие постигнаа изгледа единствено во поглед на неговата забрана), има растот на политичкиот конзерватизам во спрега со националистичките „решенија“ на демографските проблеми. Дополнителна идеолошка, но и материјална помош во изобилство пристигнува и од исток и од запад и се шири низ цела Европа преку конзервативните политички партии, но и преку разните „pro-life“ движења и здруженија. Противењето на слободното одлучување околу раѓањето во контекст на десните и анти-модернистичките популациони политики обично оди рака под рака со ширењето хомофобија и анти-мигрантското расположение.

Истовремено, положбата на родителите со деца, особено на самохраните мајки, станува сѐ полоша, а насилството кон жените сѐ побрутално. Оттука рационалната одлука за нераѓање деца во сиромашни, неслободни, тоталитаристички и националистички режими станува зачестена и очекувана појава.

И што уште да преземеме покрај непрекинатото бдеење над освоените права? Предлагаме организиран и солидарен отпор на сите напади врз гарантираното право на безбеден, бесплатен и пристапен прекин на бременоста.

 

Зорана Антонијевиќ, активистка на Женската платформа за развој на Србија