Жителите од овие подрачја околу една деценија се жалат на однесувањето на приватната компанија која го доби правото на експлоатација на нафтеното подземје, „Банкерс петролеум“, чија сопственост помина низ неколку раце.

 Зилифтар Брегу

Извештајот на албанскиот Хелсиншки комитет објавен во последните денови од октомври алармира дека во една од областите за екстракција на нафта лоцирана во еден од најголемите окрузи во Албанија, Фиер, загадувањето на животната средина е на алармантно ниво, со што се претвора во опасност по здравјето и животот на жителите од областа. Експертите на оваа организација утврдија дека близината на станбените површини и оранжериите на земјоделските производи до местата каде што се вади нафта или служат како депонии или стари бунари за отпад од јаглеводороди, во отсуство на безбедносни мерки и мерки за рехабилитација, е многу загрижувачка. Според нив, ваквата околност го „распределува“ ризикот надвор од административните граници на нафтено подрачје, влијаејќи на потрошувачите на овие производи низ целата земја.

Експертите на Хелсиншкиот комитет констатираат дека институциите надлежни за спречување или избегнување на овој ризик со долгорочни и наследни последици не само што не реагираат, туку „си ја префрлаат топката една на друга“. Ваквото однесување ја влошува ситуацијата, што доведе до клима на неиницијатива при инспекциите по службена должност и недостиг на казнување на операторите кои работат во областа на јаглеводородите во оваа управна единица, а тоа се „Албпетрол Ша“ и „Банкерс Петролеум“. „Одговорните институции ги избегнуваат своите обврски, повикувајќи се не само на нивното слабо препознавање од правен аспект, туку и на немањето логистички средства за мерење на загадувањето, но и на преклопувањето на надлежностите. Одговорните институции генерално покажуваат недостаток на транспарентност во ставањето на располагање на документацијата која го докажува извршувањето на нивните законски овластувања и преземањето превентивни/казнени мерки за загадувањето во Жарез, иако претходно знаеле за мониторинг посетата на тимот на ХК, а побарале пристап до оваа документација да се дозволи само со официјални барања за информации“, пишува во извештајот на организацијата главно ангажирана околу заштита и почитување на човековите права.

Жителите од овие подрачја околу една деценија се жалат на однесувањето на приватната компанија која го доби правото на експлоатација на нафтеното подземје, „Банкерс петролеум“, чија сопственост помина низ неколку раце. Во текот на 2012-2016 година, жителите се жалеа на силни експлозии слични на земјотреси кои ги оштетија нивните домови. Како одговор на протестите и поплаките на жителите, Советот на министри ја одобри одлуката бр. 155, од 01.03.2017 година, од која делумен надоместок искористија 514 жители, а на останатите 70 жители им беа одново изградени оштетените куќи.

Во областа, има голем број на бунари со затворено дно со кородирани столбови (околу 6000 во целата област Патос-Маринез), јами во кои се депонира отпадот произведен од екстракција на нафта (10 такви). Ваквата состојба создава акутен и долгорочен проблем за жителите на овој крај со загадувањето на животната средина, што вклучува загадување на воздухот и почвата.

Ова е географскиот простор каде што загадувањето добива размери на трагикомичност. „Црното злато“ на подземјето, наместо да служи за развој на областа, им се претвори во проблем на опстанок. Албанија произведува повеќе од 1 милион тони нафта годишно. Според официјални извори, максималното производство на нафта е остварено во 1974 година со 2.250.000 тони нафта годишно (или 6165 тони нафта/ден, еднакво на 38.408 барели/ден).

Албанија ги отвори преговорите со Европската унија и проблемот со загадувањето на животната средина е една од нејзините најслаби точки.

 

Зилифтар Брегу е новинар, професор на Катедрата за новинарство на Универзитетот во Тирана