Клучниот проблем, според мене, е дека некои креатори на политики во земјите-членки на ЕУ имаат тенденција да ја поддржуваат интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не поради основните вредности на оваа Унија, туку токму заради кредибилизација и пронаоѓање истомисленици во однос на нивните недемократски и нелиберални политики.

Жил Стрифлер

Радикалните десничарски движења претставуваат прекугранична закана што ги става на тест темелите на нашите општества. Полека, но досега неспорно, не можеме да ја негираме страшната реалност. Поддршката на екстремно десничарските идеологии има тенденција да станува сè помалку контроверзна, а сè повеќе мејнстрим, до одреден степен и во зависност од секој прецизен контекст. Признавањето на овој постоечки тренд не значи негово прифаќање, туку настојување да се дејствува одговорно за да се биде дел од решението.

Конечно, клучниот проблем, според мене, е дека некои креатори на политики во земјите-членки на ЕУ имаат тенденција да ја поддржуваат интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ не поради основните вредности на оваа Унија, туку токму заради кредибилизација и пронаоѓање истомисленици во однос на нивните недемократски и нелиберални политики.

Да го разгледаме накратко унгарскиот случај, како тој влијае врз регионот на Западен Балкан. Политиките и лидерството што ги спроведува Виктор Орбан се дел од многу загрижувачката тековна динамика во однос на владеењето на правото, човековите права и слободата на изразување (што потсетува на моменталните состојби во Полска и до последните избори во Словенија). Ова создава модел на владеење кој очигледно е во спротивност со основните принципи на ЕУ. Доколку повеќе земји се приклучат на овој нелиберален клуб, на крајот постои ризик ЕУ да се претвори во џин со глинени нозе во смисла на исполнување на нејзините основачки принципи. Поентата ми е дека не треба воопшто да се остави простор за нејаснотии во однос на условеноста на придобивките од ЕУ (вклучувајќи ги и финансиските), што значи вистинско и темелно спроведување на човековите права, слободата на изразување и владеењето на правото. Во спротивно, тоа ќе создаде преседан за можни слични злоупотреби од сегмент на земји аспиранти да влезат во прекршоци откако успеале да стигнат во ЕУ.

Исто така, директно поврзано со балканските прашања, Виктор Орбан и неговиот министер за надворешни работи го посетија господинот Милорад Додик во врска со неговото незаконско отцепување на Република Српска од Федерацијата Босна и Херцеговина. Ова е спротивно на сите принципи на ЕУ и го нарушува нејзиниот кредибилитет. Исто така, на ѕидот од канцеларијата на г. Орбан (или на еден од неговите блиски колеги) е фотографирана карта на етничкиот состав на Босна и Херцеговина. На официјалната прослава на Република Српска во почетокот на 2022 година, меѓу публиката имаше неколку пратеници и европратеници поврзани со Францускиот национален собир, многу опасно движење со бескрајна историја на политички предлози што предизвикуваат поделби и ѝ носат срам на оваа земја-членка основач на ЕУ. Присутен беше и рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, заедно со претставник на Кина. Бидејќи Историјата многу загрижувачки и ризично пелтечи во оваа земја, сите горенаведени потези се исто толку сериозни грешки.

Потоа, непочитувањето на функционалните принципи на ЕУ е клучна тема. Ова се однесува, на пример, на близината на Виктор Орбан со Оливер Вархељи, унгарски адвокат и дипломат, и европски комесар за соседство и проширување. Со ова, во центарот на вниманието се става една кревка Европска унија во однос на ефикасното спроведување на нејзината работна етика. Да се надеваме дека што побрзо ќе биде понудено силно решение како одговор на ова сериозно недолично однесување.

Од позитивен аспект, пак, овој збир на негативни случувања низ Европа не е неповратен. Исходите од неодамнешните избори во Франција и Словенија се знаци на надеж и потсетуваат на неопходноста да останеме свесни дека Дамокловиот меч сè уште постои. Не можеме да замижиме пред фактот дека во некои земји, екстремно десничарските движења сè повеќе се инсталираат во политичкиот пејсаж, како и во општествата. Затоа, да се стремиме заедно да бидеме дел од доблесната алтернатива на оваа стерилна реторика.

 

Жил Стрифлер е истражувач во регионалната невладина организација Балкански форум со седиште во Косово