Овој термин означува посебна форма на расизам насочена против ромскиот народ, која се заснова на ставот дека оваа популација е инфериорна во однос на другите и дека насилството врз неа е оправдано.

Елвис Бериша

Тешко дека постои група во светот кон која има речиси консензус во омразата на сите други кон неа, како што е случајот со ромскиот народ. Таквиот став кон оваа заедница датира уште од далечното минато, кога припадноста кон оваа група се казнувала со смрт. Така било во 16 век во Швајцарија, во Германија во 18 век, а на почетокот на 20 век, со доаѓањето на нацизмот, повторно на сцена стапила омразата кон Ромите, кои се масовно истребени.

Ова историско наследство произвело однос на општеството кон ромскиот народ во кој омразата и понатаму зазема водечко место. Оваа омраза кон ромската заедница денес се нарекува антициганизам. Овој термин означува посебна форма на расизам насочена против Ромите, која се заснова на ставот дека оваа популација е инфериорна во однос на другите и дека насилството врз неа е оправдано. Во коренот на овој поим е сфаќањето на Ромите како суштества кои имаат одредени генетски предиспозиции што не им дозволуваат целосно да се вклопат во општеството. Така, Ромите се перципираат како народ кој не е способен да ги почитува социјалните норми, кој е промискуитетен, со кој управуваат речиси животински инстинкти, како номадски народ.

Црна Гора, уставно дефинирана како граѓанска држава, сепак има проблем со расизмот против Ромите. Со усвојување на меѓународните декларации и стратегијата на ЕУ за борба против антициганизмот, државата признава дека има проблем. Манифестациите на антициганизам во нашето општество се многубројни. Тие најпрво се гледаат во односот на граѓаните кон припадниците на ромскиот народ, што се забележува преку огромната етничка дистанца на мнозинското население кон оваа заедница. Општо, резултатите од сите истражувања се исти, најголемата етничка дистанца е кон ромскиот народ. Дали е тоа случајно?

Повеќето граѓани не сакаат Роми за свои соседи, колеги на работа, дури ни како сограѓани. Скоро никој во нашето општество не сака Ром за сопружник. Овие истражувања покажуваат вкоренето сфаќање на ромскиот народ како помалку вреден. Ова на крајот создава слика за овој народ што може да биде подлога за насилство врз нив.

Поопасно од ова е појавата на институционален антициганизам, кога институциите што би морале да го спроведуваат законот и да ги штитат човековите права на Ромите, всушност имаат целосно пасивен став кон сè што доаѓа од оваа заедница. Во нашето општество има многу случаи кога институциите не реагираат на кршењето на правата на ромското население, оправдувајќи го ваквиот став со „начинот на живот“ што ја краси ромската заедница.

Покрај оваа пасивност, ромската заедница честопати се манипулира и злоупотребува за политички цели, користејќи го нивното пониско ниво на образование и неписменост. Сиромашните и маргинализирани Роми претставуваат лесна мета за ловците на гласови, бидејќи нивниот глас е многу „поевтин“ од оној на другите граѓани. Неретко, главно во предизборните процеси, и самите членови на заедницата, нејзините „водачи“, се појавуваат во оваа приказна како извршители на манипулации, кои наместо да го еманципираат својот народ, го туркаат уште подлабоко во пропаст. Како да ја наречеме оваа појава? Автоантициганизам.

Зошто Црна Гора сè уште е единствената земја во регионот што никогаш немала (и сè уште нема) автентичен претставник во Парламентот на Црна Гора? Од воведувањето на институтот за афирмативна акција во изборното законодавство, Законот за избор на советници и пратеници е изменет 18 пати, а ниту еднаш не е разгледана опцијата на ромската заедница да ѝ се обезбеди понизок праг за добивање на еден мандат. Ако додадеме дека една малцинска заедница го намали тој праг од 0,70 на 0,35 проценти од важечките гласови, а која е, патем, скоро иста како ромската во однос на демографската структура, тогаш се поставува прашањето дали државата случајно пропуштила да го стори тоа. Како се вика тоа? Политичка дискриминација или антициганизам.

Иако постои одреден напредок во целокупната положба на ромскиот народ во нашето општество, опсегот на социјална вклученост е сè уште ограничен. Постојано е потребно активистите од ромскиот цивилен сектор да ги „туркаат“ институциите да си ја завршат својата работа, честопати предизвикувајќи кај нив незадоволство кон заедницата.

 

Елвис Бериша е основач на ромската младинска организација „Чекори со нас – Фирен аменца“, тој го стартува првиот ромски портал RomaNet, автор е на публикацијата „Надежта е посилна од стравот“. Дипломирал безбедност и криминалистикас на Правниот факултет на УЦГ.