Велат дека хомо сапиенсот е единствениот животински вид кој може да замисли нешта што не постојат. Мостарската верзија на хомо сапиенс преку една театарска соработка покажа дека не само што е имагинативна, туку дека може да биде и достоинствен патоказ и алтернатива за сеприсутниот државно-политички бордел.

Драган Комадина

Кога пред седум години со моите драги пријатели Роберт Пехар и Саша Оручевиќ ја правев претставата „Ајмо на фука“, немав поим дека ќе стане култ(ур)ен повоен мостарски бренд, претстава што со право може да се нарече едно од ретките вистински заеднички културни добра на двата дела од градот измачен од војната, а дополнително поделен во повоениот период. Веќе во првите реакции по премиерата стана јасно дека нешто не е во ред кога е во прашање вообичаената размена на национална и верска омраза во медиумите. Наместо тоа, на градските портали се појавија анонимни коментари проткаени со изрази на сеопшто народно одушевување и на исклучително емотивно разбирање за положбата на другиот во војната. Ниту тогаш, ниту денеска не можев да ги сокријам солзите. Овие анонимни луѓе, главно воени ветерани на спротивставените армии, и нивните ставови ми значеа повеќе од сите критички и театарски забелешки на кои нашата претстава не беше имуна. Напротив!

Но, да ја соочите публиката со еден куп разни предрасуди кои толку системски и систематски се негуваат и наводнуваат на целиот јавен простор – од парламентот до основното училиште – и покрај оној театарскиот, да заслужите огромен виртуелен аплауз, беше исклучителен уметнички, но пред сè морален потфат за сите нас. Некои ни посочија дека тајната на успехот на претставата кај публиката – успех што сè уште трае, да се разбереме – лежи во драматуршкиот кантар со кој вешто и рамномерно го распоредивме сатиричниот убод на двете страни, на Исток и Запад, ХВО и Армија, Бразил и Аргентина… Веројатно се во право. Барем делумно. Имено, мислам дека вистинскиот успех на оваа претстава не е во тоа што експлицитно балансира со нашите идеологеми и со симболичното воено наследство на сè уште неопределениот федерален политички агон, туку затоа што среде сето тоа го најде својот пат до срцето на секој поединец од публиката, што нашето секојдневие, предвоено, воено и повоено, го сведе на ниво на индивидуално препознавање, како што тоа само можат и треба да го прават театарот и уметноста. Публиката ги доживеа како свои проблемите на двајцата војници, кои се среќаваат и во задгробниот живот и во овдешниот Мостар, и едноставно се заљуби во нив. Можеби звучи претенциозно, но во својата продукциска и естетска непретенциозност, како и во емоционалната и морална инклузивност, „Ајмо на фука“ постигна значително повеќе од многу меѓународни проекти преземени во овие 27 години за градење мир и доверба во постконфликтните општества.

Не знам дали сум во право. Но, знам дека никогаш во текот на мојата кариера во театарот, како драматург, писател или режисер, не сум доцирал или критикувал од позиција на морална вертикала. Јас сум еден од оние за кои пишувам, еден од нив. Но, тоа не значи дека сè уште не можам и не треба да се срамам од себе и од нив. Од таквиот морален и уметнички микрокосмос произлезе оваа претстава, како мало интеркултурно чудо во кое поранешните војници и довчерашни непријатели со театарски факел ја растеруваат темнината на сеопштата нетрпеливост и недостатокот на желба да се разбере и слушне Другиот и Поинаквиот.

 

Драган Комадина, професор на Катедрата за драматургија при Академијата за сценски уметности во Сараево, уметнички советник во Хрватскиот народен театар во Мостар