За социјалните претпријатија секогаш велиме дека се мотивирани од решавање на одредени проблеми во заедницата и дека тоа го прават успешно продавајќи ги своите услуги и производи на пазарот.

Дина Ракин

Ми се јави еден пријател, некаде во средината на април минатата година, во екот на „локдаунот“: „Дино моја, ова е страшно! Луѓето имаат големи потреби, особено сега кога не можат да излезат надвор. Точно дека ние работиме и на село, па на луѓето им е полесно, бидејќи можат да излезат во дворовите, но знаеш, тоа се селски, стари домаќинства, потребни им се услугите за помош во куќата. Имам луѓе кои одат на терен, но јас не спијам, затоа што не знам како да ги заштитам своите вработени, како да им осигурам опрема, а од друга страна, како да им обезбедиме услуги на луѓето. Многу тешко време!“

Мика води социјално претпријатие кое обезбедува разни услуги во заедницата, а исто така се занимава и со работна интеграција на луѓе на кои им е отежнат пристапот до пазарот на трудот. Кога зборуваме за социјално претприемништво, како сектор кој директно се занимава со развој на локалните заедници, преку учество на пазарот, често го занемаруваме овој аспект на внатрешната организација на компанијата: работните услови, работните односи, работничките права. Ги занемаруваме оние кои претставуваат поддршка околу социјалното претпријатие, оние кои им овозможуваат на тие социјални претпријатија да стигнат до сите оние кои имаат потреба на различни начини да се интегрираат во едно општество.

Се сеќавам на едно истражување за социјалните задруги во Италија, кое се занимаваше токму со ова прашање. Испитуваа вработени и волонтери во овој вид социјални претпријатија, со цел да ги утврдат причините и мотивите поради кои луѓето се ангажирани во овие компании и да го оценат нивното задоволство од работата во социјалните задруги. Една од главните причини зошто луѓето се поподготвени да работат во овој сектор е тоа што стандардите и условите за работа се такви што го ставаат човекот во фокусот. Вработените и волонтерите, но и сите други околу социјалната задруга, чувствуваат дека припаѓаат на заедницата во која работат, бидејќи основата на дејствувањето на задругата е да го мери своето дејствување (и надвор и внатре) преку луѓето, нивните сензибилитети, вештини и потреби.

Дека тоа навистина е така, потврдува и однесувањето на социјалните претпријатија во Европа од избувнувањето на финансиската криза во 2008 година. Единствениот сектор кој беше отпорен и растеше за време на кризата беше секторот за социјално претприемништво. Овој раст се мереше со зголемувањето на бројот на вработени, со растот на бројот на социјални претпријатија и, следствено, со бројот на лица опфатени со услугите. Додека економијата во Италија значително го намали бројот на вработени во 2009 година, бројот на вработени во социјалните задруги се зголеми за 2,7 проценти. Во Шпанија, во последниот квартал од 2011 година е забележана најлоша невработеност во економијата од 5 милиони луѓе, но задругите беа оние што го зголемија бројот на вработени за 7,2 проценти.

Интригантен сектор, недофатлив феномен, поради овие показатели го привлекува вниманието на различни актери. Затоа се развиваат различни дефиниции, критериуми, мерења, кои би ни помогнале да го разбереме секторот во традиционалната рамка, пред сè: како да се регулира со закон, како да се направат соодветни мерки за да се помогне развојот на секторот, како да спречи злоупотреба. Пред сè, на овие начини се обидуваме да осигуриме дека парите што ги вложуваме имаат јасно влијание и исход во општеството. Но, зарем традиционалните пристапи кон економијата не се оние кои се покажаа најштетни за човештвото? Вредностите што, и покрај сите предупредувања, ги воспоставуваат економиите ширум светот, се темелат на алчност, конкуренција, себичност, генерирање лажни потреби, што доведува до отуѓување на луѓето.

За социјалните претпријатија секогаш велиме дека се мотивирани од решавање на одредени проблеми во заедницата и дека тоа го прават успешно продавајќи ги своите услуги и производи на пазарот. Фокусот на наоѓање решенија е причината зошто се вртиме кон нив во моменти на глобални земјотреси, бидејќи ни се чини дека нивната отпорност е нешто натприродно. Нема тука ништо неиманентно за човекот. Станува збор за фактот дека сите организации на социјалната економија ја темелат својата работа врз вредностите и принципите на солидарност и соработка.

Во средината на март оваа година, повторно разговарам со Мика за последиците од кризата. Реченицата што ќе ја запомнам и ќе ја повторувам кога ќе ме прашаат за секторот на социјални претпријатија во Србија гласи: „Дино, нашата цел беше да ги зачуваме работните места и да им пружиме поддршка на нашите корисници. Успеавме во тоа. И тоа е најважно“.

 

Дина Ракин, директорка на Коалицијата за развој на солидарната економија.