Приходите од странски туристи за девет месеци од 2020 година биле околу 100 милиони евра, а за колкав пад станува збор најдобро зборува фактот дека во истиот период во 2019 година приходите изнесувале 978 милиони евра.

Даница Бањевиќ

Пандемијата ковид-19 најмногу влијаеше врз туристичкиот сектор и ги запре туристичките движења ширум светот. Според информациите на релевантни институции, до март 2020 година туризмот во Европа беше сектор кој бележеше постојан раст во последните неколку децении. Во ЕУ, туризмот претставува 9,5 проценти од БДП, вработува 22,6 милиони луѓе и директно влијае врз транспортот, малопродажбата, земјоделско-прехранбената индустрија и пошироката економија. Едно евро заработено во туризмот резултира со вредност од 0,56 евра во индиректни ефекти во другите стопански гранки.

Црна Гора е меѓу најпогодените во Европа поради: високото учество на туризмот во БДП (25%) и големото учество на странските туристи во вкупниот туристички сообраќај (94% во 2019 година). Падот на пристигнувањата и ноќевањата во текот на деветте месеци од минатата година беше помеѓу 85-90%. Според информациите на Централната банка на Црна Гора, приходите од странски туристи за девет месеци од 2020 година биле околу 100 милиони евра, а за колкав пад станува збор најдобро зборува фактот дека во истиот период во 2019 година приходите изнесувале 978 милиони евра. Постојат повеќе причини – пред сè, неподготвеноста за вакви кризи, фактот дека Црна Гора е првенствено авио дестинација, сè уште не е членка на ЕУ, која за земјите членки имаше различна политика на управување со границите, и затворените граници во поголемиот дел од главната туристичка сезона кон нашиот клучен пазар во моментов, а тоа е регионот и пазарот на Русија.

Меѓутоа, влијанието на пандемијата е многу поголемо ако ги земеме предвид индиректните ефекти врз другите стопански гранки, врз сообраќајот, инвестициите, производството на храна и пијалоци, трговијата… Црна Гора навистина во голема мера се потпира на туризмот, бидејќи има „покритие“ за таква стратешка развојна стратегија. Но, она што би требало да се направи е да се спроведат реформи, да се поттикнат инвестиции што ќе влијаат на развојот на другите индустрии кои се тесно поврзани со туризмот.

Туризмот и патувањата имаат, како што покажаа и претходните кризи, тенденција за брзо закрепнување. Посилна поддршка за малите и средни бизниси, стимулации преку нови инвестиции и вработувања, сигурно позитивно ќе влијаат закрепнувањето да биде побрзо отколку во кој било друг сектор.

Пандемијата е можност да ги разгледаме политиките за понатамошен развој на туризмот. Одржливиот развој и дигитализацијата би морале да бидат клучни сегменти на закрепнување, како и поинтензивен развој на туристичкиот производ, развој и интеграција на земјоделското производство, паметно управување со просторот како највреден ресурс, понатамошен развој на автентични угостителски и хотелски понуди, интензивна промоција на западноевропските пазари, кои треба да бидат приоритетни за Црна Гора. Понудата треба да се прилагоди на новите интереси и барања на гостите и да се фокусира на доживувањата, на автентичното искуство, на нашата традиција и култура, а таквиот одржлив развој ќе влијае на побрзо закрепнување и отпорност на некои други слични кризи.

Туристите кои се грижат за себе и за своите семејства ќе избираат земји кои добро управуваат со кризата, кои имаат добар здравствен систем, кои водат сметка за заштитата на животната средина и на културното наследство и кои, преку добро управување, работат на намалување на таканаречениот масовен туризам – со принципите „value not volume“ – вредност, а не обем.

На Црна Гора ѝ претстои уште една неизвесна туристичка сезона, пред се поради сериозната епидемиолошка состојба, намалувањето на бројот на авио линии по приземјувањето на националната авиокомпанија и недоволниот и несоодветен маркетинг на клучните пазари.

 

Даница Бањевиќ од февруари 2020 година е директорка на Туристичката организација на Тиват, првата дестинација во Црна Гора што започна процес на одржлив развој и мониторинг, следејќи ги критериумите на Глобалниот совет за одржлив туризам.