Како што демократијата и човековите права се процес кој се развива и се брани секојдневно, истото треба да се случи и со културата на дијалог.

 Генц Поло

 „Можеме да разговараме, но не и да преговараме“, повторуваше албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Лешај пролетта 2017 година, јасно ставајќи до знаење дека зборува во име на владата и премиерот. Опозицијата го напушти парламентот во знак на протест поради вмешаноста на владата во организираниот криминал и изборните манипулации.

Од изјавата на министерот беше сфатено дека можат да седнат на маса со опозицијата за да муабетат, а не да реагираат на нејзините грижи и тврдења.

Говорот на министерот се истакнува како пример за тоа што не е дијалог.

Вистинскиот дијалог се води преку компромис, каде што страните прават отстапки, до договор; недијалогот е израз на волјата да не се прават отстапки, да не се прави компромис и да не се постигне договор. Се разбира, секој може да каже дека отстапките треба да бидат разумни и дека компромисот мора да остане принципиелен. Секако! Проблемот со кој најчесто се соочуваме е неподготвеноста да ги земеме предвид интересите и ставовите на другиот. Особено кога другиот е противник или ривал. Дури и кога овие интереси се легитимни, или дури и кога ставовите се основани и разумни.

Недостигот на дијалог и чувство за компромис во посткомунистичките општества е предмет на дебата уште од раните 1990-ти. Научниците и интелектуалците тоа би го објасниле со ставот со комунистички корени дека компромисот е нешто негативно, декадентно, поврзано со буржоаскиот поредок. Во својата тоталитарна суштина, комунизмот не оставаше простор за други и различни идеи, а уште помалку за такви интереси. Новиот општествен поредок се засноваше на апсолутното негирање на стариот буржоаски поредок, како и на афирмацијата на единствената идеја за научниот социјализам реализирана преку ексклузивната моќ на комунистичката партија. Во уставот одобрен од комунистичка Албанија во 1970 година пишуваше дека политичката моќ ѝ припаѓа неразделно на оваа партија.

Сенките на менталитетот негуван со децении со оваа тоталитарна идеологија не можеа да не се почувствуваат во почетоците на демократијата. Промената на режимот донесе нова политичка парадигма каде што новоформираните демократски сили и доаѓањето на власт со право се гледаа себеси како демократски легитимни. Комунистичката партија беше дискредитирана поради повеќедеценискиот репресивен режим и економската беда. Таков беше случајот во Албанија и во некои други земји. Но, имаше и држави каде што комунистичката партија ја задржа власта со усвојување на плурализам во политичкиот систем и прифаќање на демократскиот социјализам.

Во сите случаи беше присутен недостаток на политички дијалог. Како резултат на тоа, имавме зголемување на политичката тензија. Ова беше изразено преку бојкот на институциите, вклучително и на парламентот, и улични протести кои понекогаш беа отежнати со насилство. Во екстремни случаи, имаше и бојкот на избори од страна на опозициските партии.

Обидите за разрешување на ваквите безизлезни ситуации во повеќе случаи беа водени од судовите, вклучително и од уставниот суд. Но, судството често беше под политичко влијание, особено од владејачката партија. Во овие услови не секогаш беше обезбедено мирно решение прифатено од страните. Друг обид за решавање на ќор-сокакот беше од страна на меѓународната заедница со нејзината предимензионирана улога: детска болест на демократијата која се манифестира до ден-денес. Иако првично авторитетот на интернационалците беше висок, понатаму имаше доста случаи кога нивниот углед беше нарушен поради пристрасни ставови.

Не постои deus ex machina решение за овие проблеми. Како што демократијата и човековите права се процес кој се развива и се брани секојдневно, истото треба да се случи и со културата на дијалог. Училиштето е важна институција за неговото зачнување и процут. Но, семејството и општеството како целина, исто така, треба да играат улога.

 

Генц Поло неколку последователни мандати беше пратеник во албанскиот парламент, министер за образование, а потоа и вицепремиер