Добротворот Томо Лукетиќ, од Будва, му оставил голем имот на општеството, а неговата тестаментарна волја никогаш не е извршена. Тажната приказна за хуманиот гест на еден добротвор е приказна за Будва во мало…

Вук Лајовиќ

Приказната за фондацијата на најголемиот добротвор во Будва, Тома Лукетиќ, за жал, е приказна за човечката алчност, неправда, непочитување, грабеж, приказна која, ни по речиси цел век од смртта на човекот што направи хуман гест, ни денеска нема среќен крај.
Преку 40 илјади квадрати земја во строгиот центар на Будва, кои Томо ги остави, денеска се речиси во целост узурпирани, а „градежните лешинари“ и понатаму го демнат преостанатиот дел од атрактивните парцели, кои за вистинско чудо ја избегнаа урбанистичката грозница.
Некогаш најбогатиот човек во Будва, кој со својата сопруга Станица немал деца, во тестаментот, кој е прочитан по смртта во 1927 година, јасно наведува: „По смртта на мојата жена Стана, од целиот мој движен и недвижен имот да се основа фонд кој ќе го носи името:„Фонд на Тома и неговата жена Стана за образование на децата од Будва и од Паштровиќ“.
Тажната приказна за хуманиот гест на еден добротвор е приказна за Будва во мало…

Според зборовите на потомокот на семејството Лукетиќ, д-р Мирослав Миро Лукетиќ – историчар, книжевник, публицист, биограф, Томо е роден на Свети Стефан во 1864 година.
Имал постар брат, Илија. Двајцата рано отишле во Америка. Се населиле во Мексико. Се занимавале со земјоделство и со трговија, имале плантажи со портокали и продавници за храна. Работејќи заедно, Томо и Илија стекнале убав имот и заработиле доста пари. Илија се разболел и починал во Америка, а Томо со сопругата Стана се вратил во родниот крај и се населил во Будва. Изградил многу убава куќа и купил околу 40000 квадрати обработлива земја. Во Будва ја основал првата банкарска штедилница, активно се занимавал и со политика, му припаѓал на кругот угледни патриоти во тоа време. Бил голем ктитор, градел цркви. Умрел во Будва во 1927 година, а опело му служеле девет свештеници. Оставил тестамент, со кој на својата сопруга ѝ го оставил имотот да ужива во плодовите, со обврска по нејзината смрт да се основа „Фонд на Тома Миров Лукетиќ и неговата жена Станица за школкување на деца од Будва и од Паштровиќ“. За жал, тоа никогаш не е остварено.

Големата вила која Томо ја изградил на само 50 метри од Стариот град во Будва, некогаш една од најубавите, делумно беше уништена во земјотресот во 1979 година, по што, без причина, беше срушена до темел, иако била предвидена нејзина обнова.
Големиот земјишен комплекс, кој е поделен на 70 парцели, од староградската марина до Јадранската магистрала – е грабнат.
Изградени се околу 30 куќи и станбени згради, а на остатокот од земјиштето се регистрира Општината.
Изградбата не стивнува, а останатиот слободен дел од Фондот е мета на нови градежни потфати. Децениите минуваа, но ниту една од општинските власти не го формира Фондот.

Потомците на Тома, неговите синови, веќе со години водат судски спорови за да го заштитат имотот од узурпација. Формирана беше Фондација „Фонд на Тома Лукетиќ и на неговата жена Стана за образование на деца од Будва и Паштровиќ, Свети Стефан“, но и понатаму остануваат без одговор нивните повици до државата Црна Гора да ја изврши тестаментарната волја на најголемиот добротвор од Будва и да го врати комплетниот имот, кој пред три децении незаконски го присвои Општина Будва.
Имотот на Тома во катастарот на Будва, согласно неговата волја откако починал во 1927 година, па сѐ до 1991 година, бил регистриран на Фондот, кога на волшебен начин бил пререгистриран на градската управа на Будва.
Желбата на овој локален херој децата од Паштровиќ да се стипендираат со пари од неговата оставина, за жал, уште не е услишена.

 

Вук Лајовиќ е новинар, живее и работи во Будва.