И Мира и Ѓорѓе беа познати и препознаени како личности на помирувањето во меѓународните судири кои, и триесет години по последната војна, сѐ уште тлеат и секогаш одново избувнуваат.

Војислав Тодоровиќ

Неодамнешното заминување од земјината димензија на две славни личности на некогашна Југославија, Мира Фурлан и Ѓорѓе Балашевиќ, предизвика многу емотивни реакции на двете страни, српската и хрватската и, секако, ширум нашиот поранешен државен простор, кој денеска најчесто го означуваме со неодредениот термин – Регион. И Мира и Ѓорѓе беа познати и препознаени како личности на помирувањето во меѓународните судири кои, и триесет години по последната војна, сѐ уште тлеат и секогаш одново избувнуваат, во врска со оние датуми кои едната, или другата страна ја потсетуваат на она што било, не нудејќи ама баш никаква визија за она што во иднина би можело да биде.

Но, придонесуваат ли, воопшто, личностите како Мира и Ѓорѓе кон тоа фамозно помирување, што и да претставува тоа во реалноста? Секако дека постоењето на такви луѓе сите овие години влеваше надеж, но клучното прашање е – што се случува сега, кога веќе ги нема на овој свет? Да се вратиме на емотивните реакции што ги предизвика смртта на овие двајца уметници, кои починаа во краток рок, еден по друг, па да се запрашаме дали се помирувањата меѓу длабоко раскарани и поделени страни воопшто можна во такви моменти? Имаме примери на раскарани браќа кои се помириле над гробот на своите родители, но, доколку е тука во прашање само емотивен момент, и доколк на стисокот на рака не му претходел сериозен мисловен процес, кој неминовно мора да содржи и прошка, од тоа помирување, на крај, нема да биде ништо. Слично е и кај смртта на славните. Кога си заминуваат такви личности кои сме ги сакале, со нив умира и дел од нашиот живот, младоста, спомените и ние неминовно жалиме за сите проживеани моменти кои веќе никогаш нема да се повторат. И тоа, за момент, нѐ зближува со сите оние што истовремено го преживуваат заминувањето на, нам заедничките, славни миленици.

Меѓутоа, различни луѓе во разните дела на некој уметник кој во текот на своето работење се стремел кон универзални вредности, можат да се огледаат и да се идентификуваат на сосема различни начини. Еден ист стих, или песна, од Ѓорѓе Балашевиќ може да значи нешто сосема друго за мене и за вас, а исто така, можат да бидат на еден начин препознаени и сакани од некој колективитет, на пример, од Хрватите, и од некој друг, на пример, Србите. Такво препознавање секогаш е условено од разни други културолошки и идентитетски одредници, врз основа на кои можат да бидат поставени сосема поинакви парадигми. Или сосема слични, а сепак неспоиви, токму како што се, ајде да ги земеме баш тие две најопшти одредници – православието и католицизмот. Просто кажано, Ѓоле беше толку поетички широк, што во неговото творештво речиси секој може да пронајде нешто за себе, да се препознае во тоа што го пронашол и да биде приврзан кон таа своја емоција, без нужно помирување со страната со која е во раскол, бидејќи тој раскол и не е поради Балашевиќ или Мира Фурлан, туку поради нешто сосема друго. Многумина веќе не се ни сигурни поради што точно.

Бранимир Штулиќ, исто така една од тие суштински помирителни личности на овој простор, кој, за разлика од Мира и од Ѓоле, е жив, но како и да не е, бидејќи сосема се дистанцира од таканаречениот Регион, одамна ги напиша стиховите

„Или е немир,

или е страст.

Го има тоа овде и премногу.“

 

Војислав Тодоровиќ, писател