Можеби услугата во возот не е најдобра, и возот можеби доцни, но ние и понатаму стоиме на истата страница на која сме стоеле пред 30 години и веруваме дека возот што заминува ќе се распадне и дека „Србинот ќе ги надмудри останатите на крајот од вицот“.

Владимир Меџак

Кога ги започнав студиите на Правниот факултет во Белград во 1995 година, првото нешто што го слушнав за Европската унија беше дека таа се распаѓа и дека нема да го доживее крајот на деценијата. Правниот факултет го завршив во 2000 година и, освен еден пасус во книгата по Меѓународно јавно право, издадена во 1989 година, ЕУ во рамките на официјалната програма на студиите воопшто не ја изучувавме. За тоа, секако, немаше потреба, бидејќи само што не се беше распаднала.

Оваа мантра, колку и да е докажано погрешна во пракса, преживеа до ден денеска. И денеска, штом некој сака да го оправда своето недејствување околу тоа Србија да влезе во ЕУ, или сака да го обвитка својот анти-ЕУ светоглед во квази интелектуален став, веднаш посегнува по оваа мантра која, секако не мора ни да се докажува. Како што Нушиќ во „Народен пратеник“ ја соопшти универзалната мудрост на газда Јеврем дека секој говор треба да започнува со „народот знае…“ бидејќи никој не смее да каже дека народот, всушност, нема поим за основни факти од темата, така и кога се зборува за ЕУ се користат универзални флоскули кои се претставуваат како аксиоми: „ЕУ се распаѓа, па што бараме тогаш ние таму“, „ЕУ е закоравена бирократска организација“, „користа од членството во ЕУ не е значајна, многу е скапо“… Секоја од овие фрази, всушност, претставува оправдување за тоа зошто Србија, за разлика од своето опкружување, не е дел од ЕУ.

Иако секоја од овие тези паѓа во вода на првото потпрашање или на првиот официјален податок кој може да се добие на која било сериозна интернет страница, значи не на википедија или на „микажаеденчовек.ком“ кај фризерот, недостигот на јавни дебати пред сѐ во медиумите и отворената анти-ЕУ кампања која Владата со години ја спроведува преку таблоидите, овие измислици ги доведува во рангот на докажани научни факти.

Покрај веќе испробаните фрази, во последно време доаѓаат и нови, како „Србија направи сѐ за да влезе во ЕУ, сега останува на ЕУ да одлучи дали нѐ сака“. Проблемот со оваа најнова флоскула почнува кога „Србија направи сѐ“ ќе се соочи со реалноста на Србија во 2021 година.

Србија во 2014 година отвори преговори за пристапување кон ЕУ како слободна држава, со полуконсолидирана демократија, која се наоѓа на 54. место во светот според слободата на говорот. Оваа 2021 година, Србија веќе не ја сметаат ниту за слободна, ниту за демократија, а според слободата на говорот сме на 93. место. Со оглед на тоа дека слободата, демократијата, слободата на говор претставуваат основни вредности на ЕУ, прашање е дали Србија денеска воопшто би добила статус на кандидат, нешто што без проблем ѝ успеа во доменот на слободата во сега веќе далечниот март 2012 година. Србија денеска е ставена на листата на 10 држави во светот со најголем пад на демократијата и со највисок степен на автократизација од 2010 година, а некои веќе нѐ вбројуваат меѓу автократски држави.

Процесот за европска интеграција од почетокот на 90-тите години од 20. век стана процес за обединување на европскиот континент. Србија тогаш се најде на погрешната страна на цивилизациската граница и тргна по заобиколен пат, и тоа навистина по првпат во својата понова историја по 1804 година. Тогаш го пропуштивме возот за главниот процес во Европа. Во еден момент, по 5. октомври, се причини дека тој воз сепак можеме да го стигнеме и навистина почнавме да го стигнуваме. Меѓутоа, сега возот повторно си заминува од станицата, а ние остануваме на неа и се жалиме дека кафето и услугата во возот се лоши, а купеата не се најчисти. Можеби услугата во возот не е најдобра, и возот можеби доцни, но ние и понатаму стоиме на истата страница на која сме стоеле пред 30 години и веруваме дека возот што заминува ќе се распадне и дека „Србинот ќе ги надмудри останатите на крајот од вицот“. Само „вицот“ никако да заврши, а патниците во возот заминуваат кон својата цел.

 

Владимир Меџак, експерт за европско право и европска интеграција. Сегашен потпретседател на Европското движење во Србија и поранешен помошник директор во Канцеларијата за европска интеграција на Владата на Србија.